МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)

„Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели и да прави добро за време на својот живот.“ (Проповедник 3:12; Библија)

Младите можеби мислат дека во настојувањето за уживање и лично задоволство наоѓаат среќа, но вистински среќни нема никогаш да бидат додека упорно продолжуваат по своите патишта. Спасителот не живеел за да бара задоволства и да си угодува на Самиот Себе. За Него читаме дека одеше правејќи добро. Тој го поминал животот во служба на љубов, тешејќи ги ожалостените, служејќи им на неволните, подигајќи ги разочараните и паднатите. Тој на овој свет немал свој дом, освен кога пријателите од љубезност Го примале како патник. Сепак, оние коишто биле во Негово присуство можеле да се чувствуваат како да се наоѓаат на небо. Секој ден наидувал на искушенија и неволји, но не малаксувал ниту губел храброст. Секогаш бил ведар и стрплив, а неволниците го поздравувале како весник на мирот, животот и здравјето.

Каков прекрасен пример ни оставил Христос со својот секојдневен живот! Кој од Неговите слебеници живее на Божја слава какошто живеел Тој? Тој претставува светлина за светот, и сите оние, коишто сакаат успешно да работат за Учителот, своите светилки треба да ги запалат од таа божествена светлина.

На Своите ученици Христос им рекол: „Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.“ (Матеј 5:13; Библија) Токму поради ова, колку внимателно треба да го следиме Христовиот пример! Во спротивно, сè што правиме ќе стане безвредно – како солта што го изгубила својот вкус.

Вистинската среќа можеме да ја најдеме само доколку верно го следиме Христовиот пример. Кога Христа го примаме во срцето, целото наше суштество му се предава и потчинува Нему, а сите наши намери и желби се менуваат.

Служењето на Христа нема на било кој начин да ја ограничи, ниту пак да ја намали нашата среќа. Во покорувањето на Неговите барања ќе најдете мир, задоволство и вистинско уживање кое никогаш не би можеле да го најдете на патот на непослушноста и гревот.

Pin It on Pinterest