МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)

„Да го чуеме завршниот збор за сè: ‘Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сè за човекот.’“ (Проповедник 12:13; Библија)

Соломон овде ни ја прикажува историјата на своето барање на среќата. Во стремежите на својот силен ум, тој се бавел со научни истражувања, ја задоволувал својата љубов за уживање со опчинувачкиот сјај и раскош на дворскиот живот.

Седел на царски престол од слонова коска на којшто му се пристапувало по скали направени од чисто злато. Неговите очи се одморале во раскошно украсените градини, коишто биле идеал на убавина и милина, уредени така што – колку што е можно повеќе – да личат на Едемската градина. Дрвјата, жбуновите и разновидното цвеќе со коишто биле украсени, биле донесувани од најразлични земји на светот. Птици во сите можни бои и преливи летеле ваму таму, исполнувајќи го воздухот со милни песни. Момчињата и девојките од дворската придружба и послуга, украсени со царска ознака, подготвено чекале да ја исполнат секоја и најмала негова желба. Глетки на насладување, музика, спортови и игри биле приредувани поради негова разонода, со расипничко претерано трошење на пари.

Меѓутоа, сето ова не можело да го усреќи царот. Распуштениот живот со неограничени задоволства, оставил белег на неговото лице коешто некогаш блескало со интелигенција и чистота. На неговиот лик, каков што бил во младоста, се случила жалосна промена. Челото му било избраздено со загриженост и со чувство на унесреќеност. Устата му била спремна на укор и осуда и за најнезначителното неисполнување на неговите барања и желби.

Неговите растроени нерви и изнемоштен организам оддавале последици на престап на природните закони. Признал дека упропастениот живот претставува безуспешно барање на среќата.

Патот кон вистинската среќа останува ист за сите времиња. Стрпливото настојување по вистинскиот пат донесува чест, среќа и вечен живот.

Pin It on Pinterest