МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)

„Но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја прима.“ (Проповедник 7:12; Библија)

Укажувајќи ни на патот на спасението, Библијата нѐ води во повозвишен и подобар живот.

Со оттргнување од Божјото слово за да се храните со списите на невдахновените луѓе, умот не се рзвива, туку напротив доаѓа до негово закржлавување и унижување. Тоа не го доведува во контакт со длабоките и сестрани начела на вечната вистина.

Задача на секој учител и родител е во умот на детето да ги всади големите вдахновени вистини. Тоа воспитување е битно, како за овој, така и за идниот живот. И не треба да се мисли дека со тоа се попречува изучувањето на научните дисциплини или се намалува постоечкиот стандард на образование. Знаењето за Бога е високо како небото и широко како вселената.

Ништо не ги облагородува и јакне умните способности така како проучувањето на големите теми коишто се однесуваат на нашиот вечен живот. Младите нека настојуваат да ги сфатат тие вистини дадени од Бога, и така нивните умни способности ќе стануваат сѐ појаки и појаки. Секој студент на Божјото слово, кој не само што го проучува, туку и живее според него, ќе го внесе тоа во поле на подлабоко размислување, осигурувајќи му богатство на непропадливо знаење.

Само во Божјото слово наоѓаме автентичен извештај за создавањето. Само во Божјото слово можеме да ја пронајдеме историјата на нашиот род, неизвалкана со човечки предрасуди и човечка гордост.

Овде можеме да разговараме со патријарсите и пророците, и да го слушаме гласот на Бесконечниот како разговара со луѓето. Овде можеме да Го набљудуваме Христа – Величеството на небото, како се понизил до таа мера за да стане наша Гаранција и наша Замена, во човечка природа, да се впушти во борбата со силите на темнината и да победи во наша корист. Побожното размислување за таквите теми неизбежно го омекнува, чисти и облагородува срцето, а умот го инспирира со нова сила и бистрина.

Pin It on Pinterest