МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 декември: Новата земја – прекрасен дом)

„Дојдете благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот.“ (Матеј 25:34; Библија)     

Пред искупените е Светиот град. Христос ширум ги отвара неговите бисерни врати, а сите кои што ја примиле и ја одржале светата вистина, влегуваат внатре. Овде ќе го здогледаат Божјиот рај – Адамовата татковина во времето на неговата невиност. Тогаш ќе се чуе глас помил од секоја музика, која што увото на смртникот било кога ја слушнало: „Вашата борба е завршена. Дојдете благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!“ (Матеј 25:34; Библија)     

Така најпосле ќе се исполни молитвата на Спасителот упатена за сите Негови следбеници: „Татко, сакам и оние кои ми ги даде да бидат со Мене каде што сум и Јас.“ (Јован 17:9; Библија) Без грев и без маана, пред Неговата слава во  ненадминлива радост. Христос ги претставува на Таткото искупените преку Својата крв, изјавувајќи: „Овде Сум Јас и децата кои Ми ги даде.“ (Исаија 8:18; Библија) „Оние што ми ги даде јас ги зачував.“ (Јован 17:12; Библија)

О, колку чудесна љубов која што искупува и спасува! О, какво блаженство и среќа во оној час кога Вечниот Татко, гледајќи ги искупените, повторно, во човекот ќе ја види Својата слика и обличје, гревот избришан, неговото проклетство засекогаш тргнато и човечката природа повторно во склад со божествената.     

Тогаш искупените ќе бидат поздравени со добредојде во татковината која Христос ја подготвил за нив. Овде тие ќе се дружат со сите оние кои го победиле сатаната, и со Божјата милост формирале совршен карактер. Секоја склоност кон грев и зло, секоја несовршеност, сè што овде им задава болка, ќе биде тргнато со Христовата крв, а возвишеноста и блескотниот сјај на Неговата слава, која го надминува сјајот на сонцето, ќе им бидат засекогаш дарувани.     

Моралната убавина и совршенството на Неговиот карактер, што ќе зрачи од нив, далеку ќе го надминува целиот надворешен сјај. Стоејќи така пред големиот бел престол, тие ќе ги делат достоинството и привилегиите на ангелите.

Pin It on Pinterest