МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 декември: Новата земја – прекрасен дом)

„Господ зборува вака: Прекрати да ридаш, избриши ги солзите во очите! Твоите страдања ќе бидат наградени: тие ќе се вратат од непријателската земја. Има надеж за твоето потомство – говори Господ – твоите синови ќе се вратат во својот крај.“ (Еремија 31:16.17; Библија)     

Христос доаѓа на облаците во голема сила и слава. Тој доаѓа за да ги подигне умрените верници од гробот, а оние што ќе ги затекне живи, да ги преобрази од слава во слава. Прекинатиот семеен синџир повторно ќе се поврзе.     

О, колку прекрасно искупување за кое толку многу се зборуваше, на кое што со надеж долго се чекаше, желно се посакуваше, но никогаш потполно не можеше да се сфати!     

Живите праведници се преобразуваат одеднаш, во миг на окото (1-во Коринтјани 15:51.52; Библија), на Божјиот глас се прославуваат, тогаш стануваат бесмртни, и заедно со воскреснатите свети поаѓаат на средба со Господа во воздухот. Ангелите ги собираат Неговите избрани од четирите ветра, од крај до крај на небесата. (Матеј 24:31; Библија) Ангелите ги носат малите деца во прегратките на своите мајки. Пријателите и сродниците што ги одвоила смртта, повторно се заедно за никогаш повеќе да не се разделат, и со песна на благодарност заедно се воздигнуваат во Божјиот Град.     

Со неискажлива радост родителите ги гледаат круните, белите облеки и харфите што им се подарени на нивните деца. Деновите на надевање и стравување поминаа, нивните деца се наоѓаат меѓу искупените.     

На сите страни ќе ги гледаме прекрасните рајски дрвја, а меѓу нив дрвото на животот. Тука непосредно и без никакви препреки ќе ја гледаме убавината на повторно воспоставениот Едем. Потоа своите круни, што Спасителот ќе ни ги стави на главите, ќе ги положиме пред Неговите нозе и допирајќи ги жиците на своите златни харфи, ќе Му оддаваме благодарност на Оној што седи на престолот. Сите ние можеме да влеземе низ бисерната врата на Божјиот Град, и како повторно соединета фамилија да живееме вечно во небесното спокојство. Нека Бог ни помогне на сите да се избориме конечно за круната и венецот на животот.

Pin It on Pinterest