МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)

„И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето.“ (Матеј 9:35; Библија)

Колку исполнет со залагање за другите бил секој момент во Христовиот живот? Секојдневно влегувал во скромните домови на сиромашните и ожалостените, настојувајќи да ја поврати надежта кај отфрлените и мирот кај потиштените и загрижените. Најмногу внимание им поклонувал на сиромашните и страдалниците. Посебно Ги сакал децата и младите. Ги привлекувал со Својата љубов и добрина. Со зборови полни со љубов, Тој решил многу потешкотии што ги измачувале. Често ги земал во Своите прегратки и разговарал со нив на начин на кој ги придобивал нивните срца.

Кроток, милостив, нежен и полн со сочувство, Тој поминувал низ светот правејќи добро, хранејќи ги гладните, подигајќи ги паднатите и тешејќи ги расплаканите. Тој не одбил никого што дошол кај Него да побара помош. Ниту една нитка на себичност не била вткаена во примерот што Тој им го оставил на Своите следбеници. Живеел живот каков што, според Неговата желба, треба да живеат сите оние кои веруваат во Него. Негово јадење и пиење било да ја твори волјата на Својот небесен Татко. Сите кои Му се обраќале за помош знаел да ги вдахне со вера, надеж и живот. Секаде каде што поминувал донесувал благослов.

Со Своето нежно сочувство, Спасителот будно ги подигал и паднатите и напатени луѓе. За да бидете Негови следбеници, морате да негувате љубов и сочувство. Рамнодушноста кон човечките неволји мора да ѝ го отстапи местото на живата заинтересираност и сочувствувањето во патилата на другите. На вдовиците, сирачињата, болните и изнемоштените, секогаш им е потребна вашата помош. Тоа е можност да го проповедате Евангелието, да Го воздигнете Христа, Кој претставува надеж и утеха за сите луѓе. Кога ќе ги ублажите страдањата на болните и кога ќе покажете живо интересирање за ожалостените, нивните срца се отвараат и за небесниот балсам. Ако постојано гледате на Исуса и од Него примате знаење, вие, Неговата утеха ќе ја пренесувате и на другите, затоа што Утешителот секогаш ќе биде со вас.

Pin It on Pinterest