МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(13 – 19 септември: Посветувачката сила на вистината)
„И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени.“ (Дела 20:32, Библија)
Совршената и од Бога вдахновената вера на душата ѝ дава сила и огнен карактер. Бидејќи Неговата добрина, Неговата милост и Неговата љубов живеат во нас, нашата претстава за вистината станува сѐ појасна, а нашата желба за чисто срце сѐ подлабока и посвета. Душата којашто живее во атмосфера на свети мисли се преобразува преку општење со Бога проучувајќи го Неговото Слово. Вистината е така голема, така длабока и сеопфатна што сопственото „јас“ потполно се губи од вид. Срцето станува сочувствително и му се предава на Бога во понизност, добрина и љубов.
Благодарејќи и на светата послушност на Бога природните сили и способности јакнат. Со студиозно проучување на Библијата умот се развива, воздигнува и облагородува на вистински начин. Оние коишто имаат чисти мисли можат да станат извонредно силни мислители. Со тоа, сите нивни интелектуални способности оживуваат. Тие можат да се воспитаат и дисциплинираат така ефикасно што сите коишто се наоѓаат во сферата на нивното влијание ќе имаат можност да увидат што сѐ може човекот да стане и да направи кога ќе се поврзе со Бога, Кој е извор на мудрост и сила.
Божјата вистина никогаш не го уназадува оној кој искрено ќе ја прифати. Влијанието на вистината секогаш ги облагородува и воздигнува сите оние кои ќе му се потчинат… Оние кои вистински се посветени со вистината со својот живот ја препорачуваат нејзината сила и достојно го претставуваат својот воскреснат Господ. Христовата религија го реформира вкусот, ја посветува душата, правејќи го со тоа христијанинот сѐ поприкладен за друштвото на небесни ангели.
Бог со право очекува од нас својот ум да го запослиме само со големи и чисти мисли. Оние коишто ги ценат светите списи на Божјото Слово и ги прифаќаат како божествена порака не можат, кога ќе прочитаат и наједноставен стих од тоа да не извлечат некоја корисна мисла.