МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)

„Спомнете си за минатото: Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен!“ (Исаија 46:9; Библија)

На небото Бог е сѐ во сѐ. Таму владее највозвишена светост, таму ништо не ја нарушува совршената хармонија со Бога. Ако навистина сме се упатиле таму, небесниот дух ќе пребива во нашето срце уште овде. Но доколку ние уште сега не наоѓаме задоволство во размислувањето за небесната атмосфера, ако не нѐ интересира стекнувањето на знаење за Бога и не му се радуваме на набљудувањето на Христовиот карактер, ако светлината за нас воопшто не е привлечна – тогаш можеме да бидеме сигурни дека нашата надеж за заминување во небото е залудна.

Совршеното потчинување на Божјата волја претставува највисока цел која христијанинот постојано треба да ја има пред себе. Тој со задоволство ќе зборува за Бога, за Христа, за татковината на блаженство и чистота која Христос ја припрема за сите оние што Го љубат. Размислувањето за овие и вакви теми, при што душата наоѓа благословено чувство на сигурност во Бога, апостолот го прикажува како искуствено спознавање „за силата на идниот свет“. (Евреите 6:5; Библија)

Заењето за Бога онака како што Тој се открил во Христа, претставува знаење кое сите спасени мора да го стекнат. Тоа е сознание кое доведува до преобразување на карактерот. Тоа сознание, кога ќе се прифати, доведува до обновување на Божјиот лик во душата, и на целото суштество му дава духовна сила којашто има божествен карактер. Каде и да се свртиме можеме да го чуеме Неговиот глас и да ги видиме доказите за Неговата добрина.

„Заради тоа“, вели апостолот, „ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос, од Кого секој род на небесата и на земјата добива име; да ви даде, според богатството на Својата слава – да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота.“ (Ефесјаните 3:14-19; Библија)

Pin It on Pinterest