МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)

„Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце.“ (Псалм 19:1; Библија)

Бог нѐ опкружил со прекрасни глетки на природата за да го привлече и заинтересира нашиот ум. Неговата намера е преку убавините на природата да нѐ потсети на Својот карактер. Ако совесно ја проучуваме книгата на природата во неа ќе најдеме плодоносен извор за размислување за бескрајната љубов и сила Божја.

Големиот Уметник на небесниот свод, како сликар на своето платно, слика величествени глетки на залезот на сонцето. Тој го позлатува небото со преливи на златна, сребрена и пурпурна боја, така што ни се чини како да се отвораат порталите на небото, и во својата фантазија според тоа, можеме само да си претпоставиме каква ли слава се наоѓа зад сето тоа.

Па сепак, мнозина намерно се свртуваат од оваа прекрасна слика која го украсува небесниот свод. Тие пропуштаат во таа глетка на ненадминлива убавина да ги забележат трагите на бескрајната љубов и сила Божја, додека од друга страна толку занесно се воодушевуваат набљудувајќи некои уметнички дела кои претставуваат само имитација на Големиот Уметник.

Искупителот на светот Своите постапки и упатства најчесто ги давал токму на отворено во природа. Со задоволство избирал пошумени предели или брег на езеро од каде што непречено се нудел поглед на прекрасните глетки на природата, глетки со кои успешно можел да ги илустрира важните вистини за Божјото царство.

Да ги набљудуваме прекрасните убавини на природата. Да размислуваме за нивната чудесна прилагодливост, за потребите и среќата, не само на човекот туку и на сите живи суштества. Сончевите зраци и дождот, кои ја позлатуваат и ја освежуваат земјата, брегчињата, морињата, езерата и рамнините: сето тоа ни зборува за љубовта на Творецот. Бог е Тој, Којшто прави пупката да се развие во прекрасен цвет, и конечно да го донесе својот плод. Тој со својата семоќна рака штедро ги задоволува секојдневните потреби на секое Свое создание.

Набљудувајќи ја природата, ние стекнуваме јасна претстава за Творецот додека срцето ни е допрено и обземено со нова и уште подлабока љубов, помешана со стравопочит.

Pin It on Pinterest