МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(16 – 22 август: Како да бидам добар ближен)

„Внимавај на себеси и на учењето! Истрај во тоа, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат.“ (1 Тимотеј 4:16; Библија)

Читав за еден човек, кој патувајќи еден зимски ден низ снежната бура и длабоките наноси, измрзнал до таа мера што и самиот здив му замрзнувал, а животните енергии скоро неприметно почнале да откажуваат. Скоро до смрт измрзнат од страшниот студ, само што не се откажал од борбата за живот, кога одеднаш зачул изнемоштен глас од еден сопатник кој исто така барал помош. Во него се разбудило сочувство, па така одлучил да го спаси унесреќениот човек. Пробивајќи се со мака до него, ги масирал неговите замрзнати нозе и со големи напори се обидувал да го подигне на нозе. Откако тоа не му успеало, потресен од изгледот на несреќникот, тој го подигнал на своите раце и почнал да го носи низ снежните наноси, што претходно мислел дека ни самиот не може да ги совлада.

Кога го донел сопатникот на сигурно место, му дошла на памет помислата дека спасувајќи го ближниот, тој всушност се спасил и самиот себе. Со своите искрени напори да му укаже помош на другиот, го оживеал крвотокот што веќе бил замрзнат и во неговите вени, со што животната струја и топлина се вратиле и во неговите нозе.

На младите верници постојано мора, и со пример, и со поука, да им се укажува на фактот дека помагајќи им на другите, всушност си помагаат на самите себе. На тој начин ќе постигнат најдобри резултати во христијанското искуство.

Оние кои се обесхрабрени и на кои им се чини дека патот до вечен живот е премногу тежок, нека појдат да им помагаат на другите околу себе. Таквите напори, здружени со молитва за божествена светлина, ќе направат нивните срца под оживувачкото влијание на Божјата сила да зачукаат, и во нивните чувства да има повеќе божествен жар. Целиот нивен христијански живот ќе стане повистинит, поискрен и попобожен. Искуствата кои ги изнесуваат во саботите ќе бидат проследени со сила. Тие радосно ќе сведочат за драгоцените искуства кои ги стекнале работејќи за другите.

Pin It on Pinterest