МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(18 – 24 октомври: Христос во мојот живот)
„Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.“ (Јован 10:10; Библија)
Сите создадени суштества живеат благодарејќи на волјата и на силата Божја. Сите тие животот го примаат преку Божјиот Син. Колку и да се луѓето способни и талентирани, колкави и да се нивните природни способности и дарови, тие непрекинато се напојуваат и дополнуваат со животна енергија од Изворот на сеопштиот живот. Христос е извор на животот. Само Тој има бесмртност, живеејќи во светлината на непозајмен живот, можел со право да каже: „Јас имам власт да го положам Својот живот, и имам власт повторно да го земам.“
Христос има авторско право да дава бесмртност. Животот што го положил во човечки облик, Тој повторно го зел и им го дава на припадниците на човечкиот род. „Јас дојдов“, вели Тој, „за да имаат живот и да го имаат изобилно.“
Сите кои со вера стануваат едно со Христа стекнуваат искуство кое претставува почеток на вечниот живот уште овде, во овој живот. „Зашто Јас живеам“, вели Тој, „и вие ќе живеете исто така.“ (Јован 14:19; Библија)
Христос станал едно со човечкиот род за припадниците на човечкиот род да би можеле да станат едно со Него во дух и вистина. Благодарејќи на таквото единство во послушноста на Божјата Реч – Библијата, Неговиот живот станува и нивни живот. На секој покајник Тој му вели: „Јас Сум Воскресението и Животот.“ (Јован 11:25; Библија) Христос на смртта гледа како на сон – мирно спиење во темнината. Тој за смртта зборува како за нешто поминливо. „И секој, кој живее и верува во Мене“, вели Тој, „нема да умре довека.“ (Јован 11:26; Библија) И за сите оние кои вистински веруваат во Христа смртта е сосема безначајно прашање. Да се умре во Христа значи само да се заспие во Него. Истата сила која го подигнала Христа од мртвите ќе ја подигне и Неговата Црква и ќе ја прослави заедно со Него како Негова невеста над сите поглаварства и власти, над секое име, не само на овој свет, туку и во небесните дворови и пред сите непаднати светови. Славното и величествено утро на воскресение претставува конечна победа за сите искупени кои заспале во Христа.