МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15-ти – 21-ви Ноември: Оние што ќе победат)

„Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема!“ (Плач Еремиин 3:22.23; Библија)

Овој верен Божји пророк секојдневно се крепел и јакнел во довербата кон Бога за да би можел да издржи до крајот. „Но Господ е со мене“, рекол тој со вера, „како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам.“ „Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја избави душата на бедниот од рацете на злосторниците.“ (Еремија 20:11.13; Библија) Искуствата низ коишто поминал Еремија во деновите на својата младост, а исто така и во подоцнежните години од својата служба, го научиле дека „патот човечки не е во негова власт, ниту на човекот којшто оди му е во власта да управува со своите чекори.“ Затоа се молел: „Карај ме Господи, но со мера, не во Својот гнев, за да не ме уништиш.“ (Еремија 10:23.24; Библија)

Кога бил повикан да ја испие чашата на неволјите и страдањата, и кога во својата мака паднал во искушение да повика: „Пропадна мојата сила и надежта моја во Господа“, си спомнал за Божјата грижа за него, и потоа победнички извикнал: „Заради Господовите добрини не сме уништени, Неговите милости никогаш не престануваат. Тие се нови секое утро: Твојата верност е голема.“

Мнозина коишто тврдат дека се христијани премногу се задржуваат на темната страна од својот живот, додека би можеле да уживаат во светлината на сонцето; тие негодуваат додека би можеле да се радуваат; зборуваат за тешкотиите додека би требало да изразуваат благодарност за обилните благослови што ги уживаат. Задржувајќи се постојано само на непријатностите, разочарувањата и неволјите, тие, својот животен пат го прават уште потемен и потежок, додека размислувајќи за благословите што ги примаат би можеле да увидат дека тие се толку многу побројни што за непријатностите не би требало ниту да зборуваат. Кога секој ден верно би ги забележувале благословите што ги примаат, не заборавајќи го изобилството на милост и добрина со коишто се опсипани на секој чекор, колку ли причини би пронашле да Го фалат и слават Дародавецот на сите добра!

Pin It on Pinterest