МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 4 Јули: Социјален живот)
„Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас.“ (Јован 15:12; Библија)
Своите божествени поуки што им ги упатувал на другите, Христос ги спроведувал и во сопствениот живот. Неговата ревност никогаш не го наведувала да биде распалив и остар. Секогаш покажувал доследност без тврдоглава упорност, добрина без слабости, нежност и сочувство без сентименталност. Бил многу друштвен, но го чувал Своето достоинство кое не охрабрувало недолична блискост. Неговата умереност никогаш не наведувала на фанатизам или аскетизам. Не се прилагодувал на светот, но не бил рамнодушен кон потребите и желбите и на најмалиот меѓу човечките синови. Потребите на секој поединец го буделе Неговото сочувство.
Од најраните години на Својата младост, Христос живеел живот кој претставувал совршен пример на понизност, работливост и послушност. Секогаш бил внимателен кон другите и полн со самоодрекување. Иако ги имал обележјата на небото, дошол, не за да Му служат, туку Тој да им служи на другите.
Христовиот живот на несебичност претсатвува пример за сите нас. Неговиот карактер е пример на особини коишто мора да ги стекнеме за да одиме по Неговите стапки.
Тактичноста и доброто расудување стократно ја зголемуваат корисноста на еден работник. Со спремноста да го изговори вистинскиот збор во вистинско време и да покаже вистински дух, тој ќе има сила да допре до срцата на оние на кои настојува да им помогне.
Мораме љубезно да постапуваме и со оние кои не се сложуваат со нас во верата и учењето. Тие се Христова своина, и ќе мораме да се сретнеме со нив на денот на конечната пресметка. На судот ќе бидеме соочени еден со друг, и ќе ги гледаме записите на своите мисли, зборови и дела, и тоа, не онакви какви што ние сега ги замислуваме, туку онакви какви што навистина се. Бог ни дал должност да се сакаме едни со други како што Христос нѐ сака сите нас.