МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(18 – 24 октомври: Христос во мојот живот)

„Затоа требаше во сè да стане како Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето.“ (Евреите 2:17; Библија)

Постариот Брат на нашиот род се наоѓа покрај вечниот Божји престол. Тој ѝ поклонува внимание на секоја душа којашто Му се обраќа како на Спасител. Тој од лично искуство ги познава нашите човечки слабости, потреби, немоќи, напаста и силата на нашите искушенија. Тој будно бдее над тебе, о дете Божје, коешто трепериш! Кога ќе се најдеш во искушение, Тој ќе те ослободи. Кога се чувствуваш слаб, Тој ќе те зајакне. Кога си неук и неупатен, Тој ќе те просветли. Кога си ранет, Тој ќе те исцели. Додека „ги набројува ѕвездите и сите ги извикува по име“, Тој во исто време „ги исцелува сите што се со понизни срца и ги лечи нивните рани“. (Псалм 147:3.4; Библија)

Какви и да се вашите тешкотии и напади, доверете Му ги на Господа. Тогаш вашиот дух ќе биде засилен за да може да ги издржи. Ќе ви се отвори пат за да излезете од непријатностите и тешкотиите. Колку послаби и понемоќни се чувствувате, толку посилни ќе бидете во Негова сила. Колку е потешко вашето животно бреме, толку поблажен мир ќе најдете кога сето тоа ќе Му го префрлите на Оној, Којшто е подготвен да го земе целиот товар.

Околностите можат да нѐ раздвојат од сите земски пријатели; немирните води и бранови на големите мориња можат да се брануваат помеѓу нас, но никакви околности и никаква оддалеченост не можат да нѐ одвојат од Спасителот. Каде и да се наоѓаме, каде и да појдеме, Тој секогаш ни е од десната страна да ни помага и да нѐ храбри. Христовата љубов кон оние што ги откупил со Својата крв е поголема од мајчинската љубов кон своето дете. Наша предност е почивајќи во Неговата љубов, да воскликнеме: „Ќе се надевам и потпирам на Него, затоа што Тој го даде Својот живот за мене.“

Човечката љубов може да се промени, но Христовата љубов не знае за никакви промени. Кога и да повикаме за помош, Неговата рака е испружена да спасува. Тој сака да сфатиме дека на небото се вратил како наш Постар Брат за Својата неизмерна моќ да ни ја стави и нам на располагање.

Pin It on Pinterest