МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(18 – 24 октомври: Христос во мојот живот)

„А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.“ (Лука 2:40; Библија)

Прекрасен и чудесен е според своето значење извештајот за Неговото рано детство: „А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.“ Осветлен со наклонетоста на Својот небесен Татко, Исус „напредуваше во мудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.“ (Лука 2:52; Библија)

Неговиот ум бил активен и прониклив, а проникливоста и мудроста што ги покажувал ги надминувале годините на Неговата возраст. Сепак Неговиот карактер ја одржувал убавината на хармонијата. Силите на Неговиот ум и тело се развивале постепено во хармонија со законите на детството.

Како дете, Христос покажувал посебна привлечност и добрина. Неговите услужни раце секогаш биле подготвени да им послужат на другите. Покажувал стрпливост која ништо не можело да ја наруши и вистинољубивост која никогаш не ја жртвувала поштеноста. Во начело непоколеблив како карпа, Неговиот живот одржувал милост и доблести на несебична добрина.

Мајка Му со длабока сериозност постојано го следела развојот на Неговите сили и го забележала печатот на совршенство на Неговиот карактер. Со радост настојувала да го поттикне развојот на тој блескав и приемчив ум.

Од нејзините усни и од пророчките свитоци стекнувал знаење за небесните вистини. Оние исти зборови коишто преку Мојсеја му ги давал на Израел, сега ги учел во крилото на Својата мајка. Кога од детството преминал во младоста, не тежнеел кон рабинските школи. Не Му било потребно да стекнува било какво образование од такви извори, затоа што самиот Бог бил Негов Учител.

Бидејќи стекнувал знаење на начин којшто и нам ни е достапен, Неговото темелно познавање на Светите списи покажува колку марливо ја проучувал Божјата Реч во Своите рани години.

Од моментот кога како дете почнал да сфаќа, постојано напредувал во духовните доблести и во познавањето на вистината.

Pin It on Pinterest