МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 февруари: Излевање на Светиот Дух)
„Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување.“ (Дела Ап. 3:19; Библија)
Не само што во своите постапки не се водени од Божјиот Свет Дух, мнозина, дури и од оние коишто се ангажирани во светото Божјо дело, претставуваат препрека за Неговото свето и живототворно влијание. Тие слободно и дрско ги критикуваат своите браќа, а не ја сфаќаат потребата со искрениот поглед во божественото огледало да го увидат духот коишто тие самите го излеваат. Своите карактерни маани и недостатоци тие ги сметаат за доблести, и тоа е нераскинливо врзано за нив.
Неопходно е делото на искрено каење и реформа. Со сето срце треба да тежнееме и да се молиме за излевањето на Светиот Дух, како што и учениците, после Христовото вознесување, неколку дена морале искрено и со најсесрдни молитви да Го бараат Бога и да го отфрлат секој свој грев.
Кога припадниците на Божјиот народ во својата работа ќе бидат водени од Светиот Дух, тие ќе покажуваат ревност којашто ќе биде во склад со применото сознание. Тие, светлоста што со години ја примале од Бога, ќе им ја пренесуваат и на другите. Духот на критикување ќе биде отстранет. Исполнети со дух на понизност, тие ќе бидат еднодушни, обединети, и меѓусебно, и со Христа.
Кога еден човек е исполнет со Светиот Дух, тој, доколку пожестоко се искушува и проверува, сѐ појасно ќе се покажува како вистински Христов претставник. Мирот којшто пребива во неговата душа, видно се забележува и одржува на неговото лице. Со своите зборови и постапки тој ја изразува Спасителовата љубов. Нема место на никаква борба за најголема позиција. Тој се одрекол од сопственото „јас“ и од себичноста, а на сето она што тој го зборува и прави е испишано Христовото име.
Кога вистината во својата едноставност ќе биде спроведена во животот на секое место, тогаш Бог ќе работи преку Своите ангели како што работел на денот на Педесетницата, и во срцето на верникот ќе дојде до таква промена, така што влијанието на вистината ќе се изразува толку силно, како што тоа се случило при слегувањето на Светиот Дух.