МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(23 – 29 август: Дефиниција на чистата вера)

Каков е постот што е по Негова волја? – се поставува прашање до оние што сакаат да Му се приближат на Бога. – „Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците.“ (Исаија 58:6.7; Библија)

Што е чиста и вистинска вера? Според Христовите зборови, чиста и вистинска вера е покажување на милост, сочувство и љубов во семејството, во црквата и во светот.

Ние сме должни да им укажуваме внимание на оние на коишто им е потребна нашата љубов, нашата нежност и грижа. Секогаш да имаме на ум дека сме Христови претставници, и дека благословите со кои Тој нѐ обдарил треба да ги делиме, не со оние што би можеле да ни возвратат, туку со оние кои со тоа ќе ги задоволат своите овоземски и духовни потреби и кои тоа ќе знаат да го ценат. Оние кои повикуваат на гости за да им помогнат на таквите кои во животот имаат малку радост, за да внесат некој зрак светлина во нивниот мрачен живот и за да им го ублажат нивното чувство на сиромаштија и потиштеност, постапуваат несебично и во склад со Христовите упатства.

Насекаде околу себе можеме да видиме сиромашни и страдалници. Многу семејства оскудеваат во исхрана, малите се желни за леб. Во куќите на сиромашните нема соодветен намештај, а често ниту постела. Мнозина живеат во вистински колиби, лишени од најнеопходните потреби. Извиците на сиромашните се воздигаат до небото. Бог сето тоа го гледа и слуша.

Делото на собирање на сиромашните претставува задача со која уште многу одамна требаше да се зафати секоја група на оние кои веруваат во вистината за наше време. Задоволувајќи ги потребите на неволните, хранејќи ги гладните и воведувајќи ги сиромашните и прогонетите во својата куќа, примајќи од Бога секој ден милост и сила за да допреме до сите длабочини на човековата беда и да им помогнеме на оние кои навистина не се во состојба самите на себе да си помогнат, ние го вршиме делото на милостивиот Самарјанин. Вршејќи го ова дело, ние имаме извонредна прилика на сите такви да им укажеме на Христа како на распнат Спасител.

Pin It on Pinterest