МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 јануари: Семејното богослужение во мојот живот)

„Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога Создателот.“ (Псалм 95:6; Библија)

Господ е посебно заинтересиран за семејствата на своите деца на овој свет. Во кадилниот чад на мирисниот темјан ангелите не престануваат да ги принесуваат молитвите на светите пред Таткото. Затоа, молитвите упатени до Бога преку Христовите заслуги, нека се воздигаат кон небото од секое семејство и наутро и навечер. Небесната вселена, наутро и навечер, со најголемо внимание ја следи секоја молитва упатена покрај семејниот олтар.

Кон утринската и вечерната молитва секогаш треба да пристапувате со длабока понизност во срцето, полни со благодарност и свесни за искушенијата и опасностите кои ви претат и вам и на вашите деца; со јажињата на верата врзете ги своите деца за семејниот олтар, молете се најискрено за нив и доверете Му ги на Бога, Тој да се грижи за нив. Децата кои што така Му се посветени на Бога ќе бидат чувани од Неговите ангели.

За време на семејното богослужение не треба да се раководите според околностите. Немојте да се молите само тогаш кога имате време за тоа, а кога имате многу работа, да ја занемарувате молитвата. Постапувајќи така ги наведувате своите деца на молитвата да гледаат како на нешто безначајно.

Молитвата за Божјите деца има големо значење, и нивните благодарности треба да се воздигаат кон Бога наутро и навечер. „Дојдете“, вели псалмистот, „да Му запееме на Господа, да Му воскликнеме на Тврдината, на Својот Спасител!“ (Псалм 95:1; Библија)

Часот на богослужение, кога заедно излегуваме пред Господа во молитва, треба секогаш да ни причинува вистинско задоволство. Тој сака од утринското богослужение да понесеме драгоцени мисли за Неговата грижа и љубов, така што во својата секојдневна работа и во животот можеме да бидеме среќни и радосни, секој извршувајќи ја својата должност совесно и верно.

Семејниот дом на таков начин може навистина да се претвори во еден мал дом на молитва кој ќе Му служи на слава и на чест на Искупителот. Каква е нашата вера во семејниот круг таква ќе биде и на верските состаноци.

Pin It on Pinterest