МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(25 – 31 јануари: Семејното богослужение во мојот живот)

„Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови…“ (Второзаконие 6:6.7; Библија)

Јосиф од своето најрано детство бил поучуван да Го љуби Бога и да се бои од Него. Често во шаторот на својот татко, под ѕвезденото небо на Сирија, ги слушал неговите раскажувања за ноќната визија кај Ветил, за скалилата од земјата до небото, за ангелите што се спуштале и се качувале по тие скалила, и за Оној Којшто од својот престол на висината тогаш му се открил на Јакова. Го слушал раскажувањето на својот татко и за борбата кај Јавок, кога Јаков, одрекувајќи се од своите омилени гревови, излегол како победник и го примил доказот на Божјото одобрување.

Додека уште како момче ги чувал стадата на татка си, Јосифовиот чист и едноставен живот поволно влијаел на развојот на неговите телесни и умствени способности. Стапувајќи во врска со Бога преку природата и проучувајќи ги големите вистини, коишто како свето заветување преминувале од таткото на синот, стекнал сила на умот и постојаност во начелата.

Мојсеј бил уште помлад од Јосиф и од Даниел во времето кога бил лишен од грижливата заштита на своите родители и одвоен од домот на своето детство; меѓутоа, онаа иста сила којашто толку добро го насочила нивниот живот, го насочила и неговиот. Само дванаесет години поминал со своите еврејски сродници, но во текот на тие години бил положен темелот на неговата големина, поставен од раката на побожната мајка за која многу малку се знае.

Меѓутоа, ниедна друга жена, освен Марија од Назарет, не му донела на светот поголем благослов. Знаејќи дека нејзиното дете набргу ќе биде лишено од нејзината грижа, таа уште посериозно настојувала во срцето да му ја всади љубовта и верноста кон Бога. Својата задача таа ја извршила совесно и верно.

Будењето и јакнењето на љубовта кон Библијата многу зависи од утринското и вечерното богослужение. Тоа треба да бидат најмилите и најкорисните моменти во денот. Во тие часови, кога родителите и децата се собираат да се сретнат со Исуса и да ги повикаат светите ангели во својот дом, не треба да се внесуваат никакви мисли коишто би го нарушувале мирот и спокојството на душата.

Pin It on Pinterest