МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(27 – 30 септември: Учесници во божествената природа)

„Со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа.“ (2 Петрово 1:4; Библија)

Секое ветување запишано во Светото писмо нè храбри дека можеме да станеме учесници во божествената природа. Тоа ни овозможува потполно да се потпреме на Бога, да веруваме во Неговото Слово, да работиме во Неговото дело; сето тоа ние навистина го можеме доколку се фатиме цврсто за Христовата божествена сила. Оваа можност за нас е подрагоцена од сите богатства на овој свет. Држејќи се за силата којашто ни се става на дофат на раката, ние стекнуваме надеж и тоа толку силна надеж што во потполност се потпираме на Божјите ветувања; а благодарејќи на можноста што ни се нуди во Христа, стануваме синови и ќерки Божји.

Оној, којшто вистински верува во Христа, станува учесник во божествената природа и добива сила со којашто може да му се спротивстави на секое искушение. Тој нема да подлегне во искушение ниту пак ќе биде препуштен да доживее пораз. Во моментот на искушението, тој во молитва ќе се повика на Божјите ветувања, и така ќе ја избегне изопаченоста којашто во светот се вовекла преку задоволување на телесните желби. Правејќи нè учесници во божествената природа, небото нè дарувало со ризница на најскапоцени богатства. Божјиот Син ја оставил Својата царска наметка и круна и на оваа земја дошол како мало дете. Се заветувал дека од детството, па сè до возраста ќе живее совршен живот, дека во овој план на светот ќе му биде Божји Претставник, и дека на крајот ќе умре за изгубениот човечки род. Што значело сето ова? Немам зборови за да го прикажам сето ова – тоа е чудно и навистина несфатливо. Со Својот живот на постојана пожртвуваност и со Својата срамна смрт, Тој ни овозможи да се фатиме за Неговата божествена природа и да ја избегнеме изопаченоста на овој свет – похотата и телесните желби. Ако сте навистина учесници во божествената природа, вие секојдневно ќе станувате сè поспремни за вечниот живот. Вашата доверба во Христа ќе станува сè подлабока и, следејќи го Неговиот пример, ќе станувате сè послични сè додека не станете совршени во Неговите очи.

 

Pin It on Pinterest