МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(27 – 30 септември: Учесници во божествената природа)

„Тогаш Исус им рече: ‘Вистина вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв – останува во Мене и Јас во него.’“ (Јован 6:53-56; Библија)

Да се јаде Христовото тело и да се пие Неговата крв значи да се прими како личен Спасител, верувајќи дека Тој ги простува нашите гревови и дека во Него стануваме совршени. Набљудувајќи ја Неговата љубов, размислувајќи постојано за неа и напојувајќи се со неа, ние стануваме учесници во Неговата природа. Она што е храната за телото, тоа мора Христос да биде за душата. Храната не ни користи ако не ја јадеме, ако не стане составен дел од нашето битие. Така и Христос не ни е од никаква корист ако не Го прифатиме како свој личен Спасител. Само теоретското знаење за Христа нема да ни донесе никакво добро. Мораме духовно да се храниме со Него, мораме да Го примиме во срцето, така што Неговиот живот ќе стане и наш живот. Како што организмот ја апсорбира внесената храна, така и ние мораме да ја апсорбираме Неговата љубов и Неговата милост.

За да добиеме простување на гревовите, не е доволно само да веруваме во Христа, туку преку Него и преку Неговата Реч мораме со вера постојано да примаме духовна храна и неопходна сила. Со цел да ги објасни Своите зборови Христос додал: „Зборовите што ви ги кажав се Дух и живот.“ Исус го прифатил законот на Својот Татко, ги применувал Неговите начела во Својот живот, го открил духот на тој закон и го покажал неговото благотворно делување на срцето. Христовите следбеници мора да бидат и учесници во Неговото искуство. Тие мораат да ја прифатат Божјата Реч и потполно да ја апсорбираат, така што таа ќе стане движечка сила на нивниот живот и на нивните постапки. Со помош на Христовата сила тие мораат потполно да се преобразат во Неговото обличје и да одблеснуваат со божествени особини.

Можеме да живееме живот на светост само доколку го примиме животот којшто се жртвуваше поради нас на Голготскиот крст. А тој живот го примаме со прифаќање на Неговата Реч, извршувајќи го она коешто Тој го бара од нас. На тој начин ние стануваме едно со Него.

 

Pin It on Pinterest