МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 февруари: Излевање на Светиот Дух)

„Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава.“ (Откровение 18:1; Библија)

Крајот на сѐ е непосредно пред нас. Бог делува на умот и на срцето на секој поединец којшто е подготвен да ги прими впечатоците на Неговиот Свет Дух. Тој ги праќа Своите весници, Неговите опомени да ги објават насекаде и на секое место. Тој ја проверува верноста на припадниците на Својата Црква и нивната подготвеност да му се потчинат на водството на Светиот Дух.

Знаењето за вистината треба да се шири на сите страни. Гласниците на вистината треба да брзаат од место до место, трудејќи се на сите можни начини да им ја пренесат опомената на жителите на светот, како и радосната порака за спасението преку нашиот Господ Исус Христос. Мерилата на правдата треба високо да се воздигнат.

Светиот Дух делува на срцето на секој поединец, а оние коишто ќе му се одзоват на Неговото влијание ќе станат запалени светилки во овој свет. Таквите ќе можат да се видат насекаде како брзаат да им ја пренесат и на другите примената светлост, како што тоа го правеле и оние после слегувањето на Светиот Дух на денот на Педесетница. И додека така примената светлина им ја пренесуваат и на другите, тие ја примаат силата на Духот во сѐ поголема мерка. Земјата ќе биде осветлена со Божјата слава.

Силата и моќта со којашто ќе биде проследен завршетокот на оваа порака далеку ќе ја надмине полноќната вика. Божјите слуги, обдарени со сила од небото, со озарени лица од небесната светлина и со вистинска посветеност, продолжуваат да ја објавуваат оваа небесна порака.

Мнозина ќе Го фалат и слават Бога. Болните ќе бидат исцелени, а ќе се прават и други чуда. Ќе се види таков дух на посредништво каков што се манифестирал во очи на денот на Педесетница.

Стотици и илјадници верници можат да се видат како ги посетуваат семејствата и им ја отвараат светата Божја Реч. Силата на Светиот Дух ги осведочува срцата, и насекаде се изразува дух на вистинско обратување. На сите страни се отвараат вратите за објавување на вистината. Светот изгледа потполно осветлен со небесно влијание.

Pin It on Pinterest