МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 февруари: Излевање на Светиот Дух)

„По ова ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија.“ (Јоил 2:28.29; Библија)

Овие зборови на пророкот Јоил треба да нѐ приведат кон престолот на милоста и во своите молитви да го побараме тој голем дар. Овде се дава ветување дека Светиот Дух ќе слезе на мажите и жените, на нашите синови и ќерки, и „секој кој што ќе го повика Господовото име ќе се спаси“. (Римјаните 10:13; Библија) Овде станува збор за едно чудесно дело коешто треба да се изврши, и за коешто секој ден ни е потребна преобразувачката Божја сила во срцето. Наша предност е да го искусиме тоа. Небото обилува со благослови, и предност е за секого од нас да ги бараме тие дарови. Ден и ноќ треба да Го бараме Господа за да дознаеме кои чекори во тој правец треба да ги превземеме и на каков начин единствено можеме тоа да го направиме.

Господ има посебно дело коешто треба да се изврши за секого од нас поединечно. Кога гледаме како неморалот, пороците и беззаконијата од секаков вид се изнесуваат на светлоста на денот во судовите коишто треба да ја делат правдата и како на сето тоа му се дава голем публицитет во секојдневниот печат, треба уште повеќе да Му се приближиме на Господа, држејќи се со жива вера, цврсто до Неговите ветувања, за да можат својствата на Христовата милост да се изразат во нас. Ние можеме и треба да имаме силно влијание во овој свет. Ако во нас е силата на Светиот Дух којашто грешникот може да го осведочи за неговата вина, ние ќе бидеме во состојба душите коишто биле во грев да ги доведеме до обратување.

Во завршните настани на овоземската историја, мнозина помеѓу децата и младите коишто примиле вистинско христијанско воспитување ќе го изненадат и ќе го воодушеват народот со своето сведочење за вистината, со сведочење коешто ќе биде изнесувано во едноставност, но проследено со убедливост и со силата на Духот. Тие биле поучувани во Господовиот страв, а срцето им омекнало и им се разнежнило со грижливото проучување на Светите списи и со ревносната молитва. Во блиска иднина многу деца, обдарени од Светиот Дух, ќе учествуваат во објавувањето на вистината на овој свет. Тие во светот ќе извршат такво дело коешто сите сили на злото нема да можат да го осуетат.

Pin It on Pinterest