МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(26 – 31 јули: Рекреација и разонода)

„Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата.“  (Проповедник 2:26; Библија)

Од младите не можеме да очекуваме да бидат мирни и сериозни како постарите, ниту пак детето да биде повоздржано од некој оформен благородник. Додека ги осудуваат грешните уживувања, родителите на децата и на младите, наместо тоа, треба да им овозможат безопасни задоволства, кои нема да го валкаат, ниту да го расипуваат моралот.

Помеѓу рекреацијата и забавата постои битна разлика. Рекреацијата, кога е навистина она што самиот збор го кажува: обновување на животната сила – има за цел да јакне и изградува. Одвојувајќи нѐ од нашите вообичаени грижи и заокупираност, таа нуди освежување, и на умот, и на телото, и така нѐ оспособува со нова сила и ревност да ѝ се вратиме на својата животна задача. Меѓутоа, забавите се бараат заради уживање и во нив најчесто се претерува; тие ја трошат силата потребна за корисна работа, и така стануваат препрека за вистински успех во животот.

Додека треба да се отстрануваме од лажното и вештачкото, мораме да ја задоволиме потребата за уживања коишто се чисти и коишто ја воздигаат и облагородуваат душата. Празничните денови не треба да ги поминуваме по углед на овој свет, но сепак поради нашите деца тие не треба да поминат незапазени. Тие денови родителите треба да пронајдат нешто со што ќе ги заменат опасните забави.

Рекреацијата којашто им е корисна само на нив, на децата и на младите нема да им донесе толку благослов како онаа рекреација којашто им помага да им бидат корисни и на другите.

Зарем не би било добро своите денови на одмор да Му ги посветиме на Бога, за да можеме на тој начин да ги оживееме чувствата и спомените за Неговото постапување со нас?

Светот има многу празници, и во тие денови луѓето се оддаваат на разни игри и уживања, како што се: коњски трки, коцкање, пушење и пијанчење. Со тоа јасно покажуваат под чие знаме се наоѓаат. Зарем не би требало и Божјиот народ почесто да се состанува на свети собири на коишто би можел да Му заблагодари на Бога за Неговите обилни благослови?

Pin It on Pinterest