МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(22 – 28 март: Чувајте ги приодите на својата душа)
„Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение.“ (Псалм 50:23; Библија)
Дојдете кај Христа токму онакви какви што сте, грешни, слаби и неволни, и Тој ќе ви даде од водата на животот. Вам ви е потребна вера којашто продира низ пеколните сенки со кои сатаната го засенува вашиот пат. Тој постојано измислува задоволства, модни новости и забави со кои толку многу го обзема умот на луѓето и жените, што тие воопшто немаат време за побожно и сериозно размислување.
Учете ги своите деца да Го слават Бога, а не да си угодуваат на самите себе. Тие се и Негови деца, и Му припаѓаат и по создавање и по откупување. Учете ги да се отстрануваат од забавите и задоволствата на оваа изопачена генерација. Настојувајте нивните мисли да ги одржите чисти и беспрекорни во Божјите очи.
Фалете и славете Го Бога. Со својот разговор, со песна и со музика, сите сме должни да Го фалиме и славиме Оној Кој толку многу направи за нас. Фалејќи Го овде, ќе се удостоиме да Му се придружиме на небесниот хор кога еден ден ќе влеземе во Божјиот град. Тогаш ќе ги положиме своите блескави круни крај Христовите нозе, ќе ги земеме своите златни харфи и ќе го исполнуваме небото со најубава музика, и ќе Го славиме со бесмртен јазик.
Додека нашиот Искупител нѐ води кон прагот на вечноста, којшто се прелива од блескавата светлина на Божјата слава, ние стекнуваме основна претстава за тоа, како небесниот хор пред престолот Го слави и фали Бога; и додека одекот на ангелската песна така милно допира до нашите земски домови, нашите срца сѐ повеќе се привлечени кон небесните пејачи. Така заедницата со небото започнува уште овде на земјата. Ние овде го учиме основниот тон на небесните славопои.
Да Го славиме и фалиме Господа! Да зборуваме за Неговата добрина! Да ја воздигнуваме Неговата моќ! Да ја направиме што попријатна атмосферата што ја опкружува нашата душа. Да Го фалиме и славиме на цел глас, со сето срце и со сета душа Оној Којшто е здравје на нашето лице, наш Спасител и наш Бог!