МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(29 – 31 март: Постојаност во искушенијата)

„Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот. Ќе ги очисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто.“ (Малахија 3:2.3; Библија)

Божјиот народ мора да поминува низ процесот на чистење и облагородување, а раката на Господа над војските е во тоа дело. Тој процес е многу болен за душата, но е неопходен за да се очистиме од сѐ што е осквернавено и нечисто. Неволјите се неопходни за да Му се приближиме поблизу на нашиот небесен Татко, во потполно потчинување на Неговата волја, и за да можеме да Му принесуваме приноси во правда.

Господ понекогаш дозволува Неговите деца да поминуваат низ сличен процес повеќе пати, зголемувајќи го притисокот сѐ додека во потполност не се понизат и не го променат својот карактер, што им овозможува да го победат сопственото „јас“ и да се ускладат со Христа и со небесниот Дух. Низ такво чистење, Божјиот народ не може да помине без трпење и патила. Тој нѐ носи од оган во оган, за да нѐ провери и да ја утврди нашата вистинска вредност. Верниците коишто поседуват вистински доблести, радо се ставаат на проверка. Ако нерадо ѝ се потчинуваме на Божјата проверка, се наоѓаме во сериозна опасност.

Во Својата милост, Господ на луѓето им ги открива нивните скриени недостатоци и маани. Тој сака, тие самокритички да ги преиспитаат сложените емоции и побуди на своето срце, да согледаат во што грешат, да ги корегираат своите склоности и облагородат своите манири. Бог сака Неговите слуги да го запознаат своето срце. Тој дозволува да ги напаѓаат огнени удари на неволји за да се очистат.

Животните искушенија и непријатности се Божји работници коишто имаат задача да ја отстранат нечистотијата, недостатоците и нерамнините од нашиот карактер, и да нѐ направат соодветни за друштвото на чистите и свети ангели. Огнот на искушенијата нема да нѐ запали, туку само ќе го отстрани троскотот, а ние од тоа ќе излеземе седум пати почисти, носејќи печат на божествениот лик.

Pin It on Pinterest