МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(27 – 30 септември: Учесници во божествената природа)

„Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно.“ (Псалм 133:1; Библија)

Христијанското единство претставува огромна движечка сила, и на непобитен начин сведочи дека оние, коишто поседуваат таков дух, се навистина Божји деца. Таквото единство врши неодоливо влијание на светот, покажувајќи дека човекот, и покрај својата човечка ограниченост, може да биде учесник во божествената природа и да ја избегне изопаченоста на овој свет, којшто е роб на похотта и на телесните желби. Ние треба да бидеме единствени со своите ближни и со Христа, а преку Христа и со Бога. Тогаш и на нас ќе се однесуваат вдахновените зборови: „Затоа што сте потполни во Него.“

Во големиот план на искупување секоја душа има одредено место. Никој не може да биде дел од Христовото тело, а притоа да остане неактивен. Припадниците на Божјиот народ можат да бидат и ќе бидат меѓусебно различни, но сите нив ги води истиот Дух. Сите тие работат за Учителот и ќе бидат поврзани во една целина.

Под заедничка контрола на божествената сила, работниците треба да делуваат единствено, вложувајќи неподелени напори, сè што е околу нив да привлечат кон Христа. Сите мораат да работат слично на деловите на една добро монтирана машинерија, коишто во својата работа зависат еден од друг, а сепак секој ја врши својата одредена улога.

Секој треба да си го заземе местото коешто му е одредено, вршејќи ја совесно задачата што му е доверена. Бог ги повикува членовите на својата Црква да се зближат со помош на Светиот Дух и да се соединат во братска љубов, што ќе овозможи ускладување и на нивните интереси.

Слабостите на Црквата во ништо не доаѓаат толку до израз колку во неслоги и во препирки. Таквиот дух војува против Христа и против вистината повеќе отколку било што друго.

Оној во чиешто срце пребива Христос, признава дека Христос пребива и во срцето на неговиот брат. Христос никогаш не војува против Христа, ниту пак врши било какво влијание со коешто би го поткопал своето сопствено дело. Затоа секој христијанин, во единството на Духот, и со цел усовршување на Црквата, треба совесно да си ја извршува својата задача, без оглед на тоа за каква задача станува збор.

 

Pin It on Pinterest