МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)

„И тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело, додека сите не дојдеме до единството на верата и до познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст.“ (Ефесјаните 4:11-13; Библија)

Сите овие дарови со правилна примена треба да дојдат до израз. Секој верен работник со својата служба допринесува за усовршување на светите. Овде за секого има по нешто што може да се направи. Секоја душа којашто ќе поверува во вистината треба да си го заземе местото коешто ѝ припаѓа, и заедно со пророкот да каже: „Еве ме мене, испрати ме мене.“ (Исаија 6:8; Библија) Дајте му на секого да направи по нешто за другите. Помогнете им на сите да увидат дека, како приматели на Христовата милост, се под морална обврска да работат за Него. И сите треба да се подучат како треба да работат на тоа. Посебно оние кои штотуку пристапиле во верата треба да се упатуваат како можат да станат Христови соработници.

Ако се зафатат со работа, потиштените набргу ќе заборават на својата потиштеност, слабите ќе станат јаки, неуките ќе се вразумат, и сите ќе се оспособат на тој начин да ја прикажуваат вистината онаква каква што е во Христа. И во Него тие ќе најдат доверлив помошник.

За делото Божјо да се води на урамнотежен начин и солидно да напредуваме во сите свои гранки – неопходно е влијанието на Светиот Дух. Вистината за ова време го опфаќа целото Евангелие. Правилно изнесена, таа во човекот предизвикува такви промени на подобро, така што тоа претставува очевиден доказ за силното делување на Божјата милост врз неговото срце. Таа, човекот којшто потполно ѝ се предава може да го доведе до потполно совршенство. Христос вели да бидеме совршени како нашиот Небесен Татко – на истиот начин. Во својот мал делокруг треба да бидеме светли точки и извори на благослов како што Тој самиот е во вселената. Ние самите по себе немаме ни светлина, ниту благослов, но нѐ осветлува светлината на Неговата љубов, а ние треба да бидеме само одблесок на Неговиот сјај. Благодарејќи ѝ на добрината примена од Него, можеме да бидеме совршени во нашиот делокруг, како што Бог е совршен во Својот.

Pin It on Pinterest