МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(25 – 31 октомври: Водството на ангелите во мојот живот)
„И видов друг ангел, кој се издигна од исток и кој имаше печат на живиот Бог, па почна да им вика со силен глас на четирите ангели, на кои им беше дадено да им напакостат на земјата и морето, велејќи: ‘Не пакостете ѝ на земјата, ни на морето, ниту на дрвјата, додека не ги запечатиме челата на слугите на нашиот Бог!’“ (Откровение 7:2.3; Библија)
Четири моќни ангели сѐ уште ги задржуваат тие пустошни ветрови на земјата. Спречено е до тоа страшно уништување да не дојде во потполност. Несреќи на копно и море, губење на човечки животи, постојано зголемување на бурите, невремиња, несреќи на железници, пожари, страшни поплави, земјотреси и ветрови, сето тоа ги поттикнува народите на убиствени судири; меѓутоа, овие ангели ги задржуваат четирите ветра, го спречуваат сатаната својата ужасна сила да не ја покаже во сета своја жестина сѐ додека Божјите слуги не бидат запечатени на своите чела.
Овие ангели ги задржуваат четирите ветра, прикажани како разјарени коњи кои сакаат да излезат од контрола и да го опустошат лицето на целата земја, оставајќи зад себе само уништување и смрт.
Ни претстои еден ужасен судир. Битката на големиот ден на Бога Седржателот е сѐ поблиску. Сѐ што било држано под контрола, ќе се земе. Ангелот на милоста веќе ги склопува своите крилја и се подготвува да слегне од престолот, препуштајќи го светот под сатанска контрола. Поглаварствата и силниците на оваа земја се наоѓаат во огорчен револт против небесниот Бог. Тие се полни со омраза против оние кои Му служат на Бога, и набргу, многу набргу, ќе дојде до отворен судир помеѓу доброто и злото. Земјата ќе биде поприште и театар на последната борба и на конечната победа.
Кога рацете на овие ангели веќе почнале да попуштаат, а четирите ветра само што не дувнале, Христовото милостиво око внимателно гледало на припадниците на Својот остаток кои сѐ уште не биле запечатени; и Тој ги подигнал Своите раце кон Таткото, повикувајќи се на Својата крв која ја пролеал за нив. Тогаш на друг ангел му било наредено бргу да одлета до овие четворица со налог сѐ уште да ги задржуваат тие пустошни ветрови, сѐ додека Божјите слуги не бидат запечатени со печатот на живиот Бог на челата свои.