МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(2 – 8 август: Спасените треба да служат)

„Нееман, војсководачот на арамејскиот цар, беше угледен човек, и почитуван пред својот господар… Ама тој вешт воин беше лепрозен. Еднаш Арамејците отидоа во грабеж и на израелското подрачје пленија млада девојка, која потоа ѝ служеше на Неемановата жена. Таа ѝ рече на својата господарка: ‘Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата!’“ (2 Цареви 5:1-3; Библија)

Иако била робинка, далеку од својот роден крај и родителски дом, оваа млада девојка била Божји сведок, вршејќи ја несвесно оваа задача што Бог му ја наменил на Израел како на свој избран народ. Додека како слугинка работела во таа незнабожечка куќа, таа се сожалила на својот несреќен господар, и потсетувајќи се на многуте чудесни исцелувања извршени преку Господовиот пророк, Елисеј, таа ѝ рекла на својата господарка: „Ах, кога мојот господар само би му се обратил на пророкот што е во Самарија! Тој навистина би го ослободил од лепрата.“ Таа знаела дека со Елисеј управувала божествена сила, и верувала дека и Нееман со помош на таа сила би можел да биде исцелен. Однесувањето на оваа заробена девојка, и патот по којшто продолжила да оди и во тој незнабожечки дом, претставува силно сведоштво за силата и значењето на вистинското, и на време добиено, домашно воспитување. Највозвишената должност и најсветата доверба укажана на таткото и мајката е грижата за децата и нивното воспитување. Среќни се оние родители коишто живеат Богоугоден живот, така што Божјите ветувања и Неговите заповеди во срцето на нивните деца будат чувство на благодарност.

Ние не знаеме на кој начин нашите деца ќе бидат повикани да Mу служат на Бога и на ближните. Можеби ќе поминат цел живот во кругот на семејството, можеби ќе му се посветат на вообичаениот животен позив, а можеби и како вистински мисионери ќе отидат во далечните незнабожечки земји. Меѓутоа, сите еднакво се повикани да Mу служат на Бога и на ближните, носејќи ја пораката на Неговата милост до паднатиот свет.

Додека својата ќерка ја учеле за Бога, родителите на оваа млада Еврејка не знаеле каква ќе биде нејзината животна судбина. Тие верно ја извршиле задачата што им била доверена, и нивната ќерка во домот на асирскиот водач била верен сведок за Бога.

Pin It on Pinterest