МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(2 – 8 август: Спасените треба да служат)

„А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: ‘Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.’ Но Исус им рече: ‘Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!’ А тие Му рекоа: ‘Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.’ А Тој им рече: ‘Донесете Ми ги тука.’ И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата. И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни. А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата.“ (Матеј 14:15-20; Библија)

Овој запис содржи длабока духовна порака за работниците во Божјето дело. Потпирајќи се во потполност на Бога, Христос ја зел таа мала залиха на храна во Своите раце, и иако таа била едвај доволна само за Неговите ученици, Тој не ги повикал нив да јадат, туку почнал да им дели, наредувајќи им да го послужат и народот. Храната се умножувала во Неговите раце, и рацете на Неговите ученици, испружени кон Христа, Којшто и Самиот претставува леб на животот,  воопшто не останувале празни. Оваа мала залиха на храна ги задоволила потребите на големото мноштво. Од преостанатите парчиња кои биле вишок на крајот јаделе Христос и Неговите ученици.

Учениците биле посредници помеѓу Христа и народот. Тоа треба да биде големо охрабрување за Неговите денешни ученици. Христис е големото средиште, Изворот на секоја сила. Сѐ што имале учениците го примиле од Него. Сѐ додека продолжуваме да делиме, ние и ќе примаме, и колку повеќе даваме, повеќе и ќе примаме. Обрнете внимание на една бара којашто со редовните дождови постојано се полни, но чијашто вода воопшто не истекува. Таквата вода не служи на благослов никому, туку во својата себична застоеност го загадува и околниот воздух. Потоа погледнете на живите потоци кои од самиот свој извор ја освежуваат жедната земја по должината на целиот свој тек. Каков благослов донесуваат тие потоци! Некој би можел да помисли дека еден таков извор со текот на времето би можел да пресуши. Но не е така. Составен дел на Божјиот план е истечната вода што своите благослови ги нуди на тој начин, никогаш да не пресуши; таа ден по ден и година по година тече по својот тек, при што постојано, и прима, и дава.

Pin It on Pinterest