МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(24 – 31 мај: Во здраво тело здрав дух)

„Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските.“  (Пословици 16:24; Библија)

Љубезноста, пријатното расположение и охрабрителните зборови ќе се покажат како поделотворни и поуспешни од многу лекови. Тоа ќе влее храброст во срцето на скршениот и обесхрабрениот, а среќа и пријатно расположение ќе влее во семејствата со љубезно однесување и охрабрителни зборови, со тоа десетократно ќе се исплатат вложените напори. Сопругот мора да има на ум дека голем товар во воспитувањето на децата лежи токму врз мајката, и дека таа мора да вложи многу труд за правилно да ги насочи нивните мисли. Тоа во него треба да побуди најнежни чувства и грижливо настојување да ги олесни нејзините товари. Тој треба да ја охрабри уверувајќи ја дека може потполно да се потпре на неговата љубов, и нејзините мисли да ги насочи кон небото, од каде што доаѓа силата, мирот и вистинскиот одмор за сите коишто се уморни и натоварени.

Неговата пријатност, вистинска љубезност и претпазливост за неа ќе претставуваат драгоцено охрабрување, а среќата што ќе ја подели со неа ќе донесе радост и мир и во неговото срце.

Домот во којшто водечка улога има Господовиот Дух претставува најпривлечен симбол на небото. Сето она што на било кој начин би можело да го наруши мирот и единството во семејството треба најодлучно да се сузбие, а да се негува само љубезноста, добрината и љубовта.

Домот треба да биде место каде што се чувствува расположение, наклонетост и љубов, а онаму каде што овие доблести се изразуваат и ценат, секогаш ќе владее радост, среќа и мир.

Оние коишто напорно се борат во борбата на животот многу често можат да бидат освежени и охрабрени со мали моменти на внимание коишто не чинат ништо. Љубезните зборови неизвештачено изговорени, ситните моменти на едноставно укажаното внимание, можат да ги растераат облаците на искушението коишто се насобираат над хоризонтот на душата.

Под влијание на кротоста, добрината и благородноста се создава атмосфера којашто лечи, а не којашто уништува.

Pin It on Pinterest