МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 6 јуни: Христијаните можат да бидат вистински среќни)

„И спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат лоши денови и пред да пристигнат годините, кога ќе речеш: Не ми се милеат.“ (Проповедник 12:1; Библија)

Имам желба колку што е можно да ја прикажам убавината на христијанскиот живот. Почнувајќи го својот живот уште рано наутро, контролиран од природните и Божјите закони, христијанинот постојано се движи напред и тоа по нагорна линија, приближувајќи се сѐ поблизу до својот небесен дом, каде што го очекува венецот на животот и ново име. Тој постојано напредува во среќата, во светоста и во корисноста. Неговото напредување во секоја година што претстои го надминува напредувањето од минатата година.

Бог пред младите поставил скалила на постојан напредок, скалила коишто од земјата допираат сѐ до небото. На врвот на тие скалила е самиот Бог, а секое скалило е осветлено со блескавите зраци на Неговата слава. Тој со будно око ги следи оние коишто се искачуваат, подготвен – кога раката ќе попушти, а ногата ќе потклекне – со драга волја да помогне. Да, ова го кажувам со зборови со коишто сакам да го охрабрам секој поединец: Ниеден од оние коишто упорно и истрајно се искачуваат по овие скалила не мора да доживее неуспех.

Божјите ангели, додека се искачуваат и се симнуваат по тие скалила, ѝ помагаат на секоја душа којашто тежнее да се искачи до самото небо. Тие ги чуваат припадниците на Божјиот народ и будно пазат на секој нивен чекор. Оние, коишто со напор се искачуваат по тој осветлен пат, на крајот ги очекува ветената награда, тие ќе влезат во радоста на својот Господар.

Побожноста, на оние коишто ја поседуваат уште од најраното детство им осигурува уживање во сето она што животот го прави среќен. Оние коишто чекаат животниот пат, којшто е многу краток, скоро да се заврши, па дури потоа да Го побараат Бога, ја губат чистотата, возвишеноста и среќата на животот, среќата којашто никогаш не може да се најде во поминливите задоволста на овоземскиот живот. Додека пак оние коишто уште од детството знаат за Бога, коишто среќата ја наоѓаат на небесниот извор, се подготвуваат да влезат во Божјото семејство.

Pin It on Pinterest