МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(24 – 31 мај: Во здраво тело здрав дух)

„Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор.“ (Матеј 11:28; Библија)

Божјата исцелителска моќ опфаќа сѐ во природата. Ако некое дрво е рането, ако некое човечко суштество е повредено или скршило коска, природата веднаш започнува да ја зацелува нанесената повреда. Дури и пред да се укаже потреба, исцелителските сили се во приправност; и штом еден дел од телото ќе се повреди, целата енергија се посветува на делото на обновување. Тоа е така и на духовно поле. Уште пред гревот да предизвикал неволја и потреба, Бог се погрижил за лек. Секоја душа којашто подлегнала на искушението, непријателот ја ранил и повредил, но било каде и да има грев, овде веднаш е Спасителот да спасува од него.

Кога Евангелието би се прифатило во сета своја чистота и сила, тоа би претставувало лек против секоја болест којашто е предизвикана од гревот. Сонцето на правдата би изгреало донесувајќи здравје на своите блескави зраци.

Христовата љубов со својата живототворна сила го обзема целото суштество. Сите витални делови – мозокот, срцето, нервниот систем – таа ги обновува со својата исцелителска сила. Таа ги буди и ги поттикнува на работа највозвишените сили на човечкото суштество. Таа ја ослободува душата од вината и болката, од стравувањата и грижите, коишто ги уништуваат животните сили. Со таа љубов доаѓа и внатрешната ведрина, спокојство и духовен мир; таа во душата ја буди радоста којашто не може да ја уништи ништо што е овоземско, радоста во Светиот Дух, радоста којашто донесува здравје и живот.

Зборовите на нашиот Спасител: „Дојдете при Мене и Јас ќе ви дадам одмор“, претставуваат рецепт за исцелување од секоја физичка, умна и духовна болест. Иако луѓето самите со своите грешки се изложуваат на страдања, Тој сепак кон нив има многу сожалување. Во Него може секој да најде помош. Тој е подготвен да направи сѐ за оние коишто се надеваат во Него.

Само кога човечките суштества би биле подготвени да ги отворат прозорците на својата душа кон небото, ценејќи ги божествените дарови, над нив би се излеало изобилство на исцелителска и спасоносна сила.

Pin It on Pinterest