Никогаш не може да се повтори премногу често, дека под управата на благодатта е исто толку лесно да се постапи правилно, како и под управата на гревот да се постапи грешно. Ова мора да е така, бидејќи ако силата на благодатта не е поголема од онаа на гревот, не би имало спасение од гревот. Но, постои спасение од гревот. Секој кој е христијанин ова не може да го негира.

Сепак, спасението од гревот целосно зависи од постоењето на поголема сила во благодатта отколку во гревот. Тогаш, бидејќи има повеќе сила во благодатта отколку во гревот, не може да биде поинаку од тоа дека, каде што силата на благодатта ја има контролата, е исто толку лесно да се постапува исправно колку што е без неа лесно да се греши.

Ниту на еден човек досега не му било тешко да греши. Неговата потешкотија секогаш била во постапувањето исправно. Но, ова е затоа што човекот природно е роб на моќ – моќта на гревот – која е апсолутна во нејзиното владеење. И сè додека таа моќ зема замав, не е само тешко, туку е невозможно да се прави добро што тој го знае и што го сака. Но, дозволете појака моќ од таа да земе замав, тогаш нема ли да ви биде доволно јасно дека тоа ќе биде исто толку лесно да му служи на волјата на појаката моќ, кога ќе владее, како што било лесно да му служи на волјата на другата моќ кога владеела?

Но, благодатта не е само посилна од гревот. Дури и кога би била само тоа, дури и тогаш би имало целосна надеж и радост за секој грешник во светот. Но ова, доволно добро и толку, не е сè. Ниту приближно сè. Има многу поголема моќ во благодатта отколку во гревот. Бидејќи „Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност.“ И колку што е поголема моќта на благодатта од гревот, толку многу повеќе надеж и радост постојат за секој грешник во светот.

Колку повеќе има моќ во благодатта во споредба со гревот? Дозволете ми да размислам за миг. Дозволете ми да си поставам едно до две прашања. Од каде доаѓа благодатта? Од Бога, да бидеме сигурни: „Да имате благодат и мир од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос.“ Од каде доаѓа гревот? Од сатаната, секако. Гревот е од сатаната, бидејќи сатаната направи грев уште од почетокот. Добро, тогаш, колку повеќе има моќ во благодатта во споредба со гревот? Едноставно е како 2+2 дека има толку повеќе моќ во благодатта од гревот, колку што има повеќе моќ во Бога отколку што има во сатаната. Од тоа гледаме совршено јасно дека владеењето на благодатта е Божјото владеење и дека владеењето на гревот е владеење на сатаната. Од тоа нели е совршено јасно исто така, дека служењето на Бога преку Божјата моќ е исто толку лесно колку служењето на сатаната со моќта на сатаната.

Потешкотијата во сето ова доаѓа тогаш кога многумина пробуваат да му служат на Бога со моќта на сатаната. Но, тоа никогаш не може да се постигне. „Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош.“ Човекот не може да бере грозје од трње, или смокви од чичка. Дрвото мора да се направи добро, заедно со коренот и гранките. Мора да биде направено одново. Морате да се родите одново. „Зашто во Исус Христос ниту обрезанието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новото создание.“ Никој нека не пробува да му служи на Бога со ништо друго освен со живата Божја сила која ве прави ново создание, со ништо друго освен со изобилната благодат која го осудува гревот во телото и владее преку праведност за вечен живот во Исуса Христа нашиот Господ. Тогаш службата за Бога навистина ќе биде во „нов живот.“ Тогаш ќе сфатиме дека Неговиот јарем е навистина „благ“ и Неговото бреме „лесно“. Дури тогаш навистина ќе „се радувате со неискажлива и славна радост“ во службата за Господ.

Дали на Исус некогаш му било тешко да постапи исправно? Сите одеднаш би одговориле: Не. Но, зошто? Тој бил исто толку човек колку што сме ние. Тој земал тело и крв исто како нашето. „И Словото стана тело и се всели меѓу нас.“ И телото во кое бил Тој во овој свет, било токму такво какво што било во овој свет. „Затоа, Тој мораше во сè да личи на браќата.“ „Во сè!“ Не вели: Во сè освен во едно. Нема исклучок. Тој бил во сè таков какви што сме ние. Тој Самиот бил слаб како и ние, бидејќи рекол: „Јас ништо не можам да правам Сам од Себе.“

Зошто, тогаш, бил во сите нешта како што сме ние, а сепак секогаш Му било лесно да постапи исправно? Затоа што Тој никогаш не си верувал себеси, туку неговата доверба секогаш била само во Бога. Целата негова зависност била од Божјата благодат. Тој секогаш се трудел да му служи на Бога, само со Божја сила. И затоа Отецот живееше во Него и ги правеше делата на праведноста. Затоа, секогаш било лесно за Него да постапи исправно. Но, како што е Тој, такви сме ние во овој свет. Тој ни оставил пример за ние да одиме по Неговите стапки. „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја,“ како што правел и во Него. Сета моќ на небото и на земјата му е дадена Нему, и Тој копнее да бидете зајакнати со сета сила, според Неговата славна моќ. „Во Него телесно живее сета полнота на Божеството,“ и Тој те зајакнува со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, за Христос да може да живее во твоето срце со вера, „за да се исполните со сета полнота Божја.“

Вистина е дека Христос земал со себе божествена природа, но можете и вие ако сте дете на ветувањето а не на телото, бидејќи преку ветувањето ние стануваме соучесници во божествената природа. Не постои ништо во овој свет што Му е дадено Нему, и нема ништо што Му било дадено а да не може да се даде бесплатно на вас или нешто што не може да го имате.

Сето ова е за да можеш да одиш во новиот живот, за отсега да не му служиш на гревот, туку да бидеш само слуга на праведноста, за да бидеш ослободен од гревот, за гревот да нема власт над тебе, за да можеш да Го прославиш Бога на земјата, и да бидеш како Исус. „А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов… додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мерка на возраста на Христовата полнота.“ „Ние ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја.“

A. T.  Jones
Advent Review and Sabbath Herald, 17. април, 1894.

Pin It on Pinterest