Постои сериозна и вознемирувачка грешка која се прави од многумина. Грешката е во размислувањето дека кога ќе се обратат, нивното грешно тело го снемува.

Со други зборови, тие ја прават грешката мислејќи дека тие ќе бидат ослободени од телото со тоа што ќе биде одземено целосно од нив.

Кога ќе дознаат дека ова не е така, кога ќе увидат дека нивното старо тело, со своите склоности, заблуди и страсти е сè уште тука, тие неподготвени се обесхрабруваат и се спремни да мислат дека никогаш не се ни обратиле.

А сепак, кога малку би размислувале, би биле во можност да сфатат дека сето тоа е грешка. Знаевте ли дека го имате истото грешно тело и откако се обративте? Не ли е тоа тело создадено од иститот материјал и откако се обративте како што било и пред тоа – од истото месо, коски и крв? На овие прашања сите едногласно би одговориле: Да. И јасно е дека тоа е вистината.

А сега следуваат и други прашања: Зарем тоа месо не било со истиот квалитет како и порано? Зарем тоа не е човечко месо, природно месо, истото како и порано? На овие прашања сите би одговориле со: Да.

А на ова следуваат и други прашања: Бидејќи е истото тело и со ист квалитет – сè уште е човечко месо, природно месо – не е ли исто така, сè уште грешно месо како што било и порано?

Токму тука е местото каде се согледува грешката на овие луѓе. На последното прашање тие се склони да мислат дека одговорот треба да биде „Не“, кога тој мора да биде решително „Да“. Ова решително „Да“ мора да постои сè додека се наоѓаме во ова природно тело.

И кога е решено и постојано се одржува фактот дека месото на обратеното лице е сè уште грешно тело и само грешно тело, тој е темелно убеден дека во неговото тело не пребива ништо добро, со што никогаш нема да дозволи да има ниту сенка на доверба во телото. Бидејќи ова е така, целата негова зависност не е од телото, туку од Божјиот Свет Дух. Неговиот извор на сила и надеж е целосно исклучен од телото, тој е само во Исуса Христа. Да се биде вечно внимателен, сомнителен и темелно недоверлив во телото, никогаш не смее да очекува нешто добро од тој извор, и така тој е подготвен од Божјата сила да го победи и да го уништи без милост секој импулс или сугестија што може да произлезе од телото, и така нема да пропадне, не се обесхрабрува, туку оди од победа во победа и од сила во сила.

Гледате, обраќањето не става ново тело врз стариот дух, туку нов Дух во старото тело. Тоа не предлага да се стави ново тело на стариот ум, туку нов ум во старото тело. Ослободувањето и победата не се добиваат со одземање на човечката природа, но со примање на божествената природа да го покори и да надвладее човекот – не со одземање на грешното тело, туку со испраќање на безгрешниот Дух да го освои и осуди гревот во телото.

Писмото не вели: Нека ова тело биде врз вас како што беше и врз Христос, туку тоа вели: „вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос.“ Филипјаните 2,5.

Писмото не вели: Преобразете се со возобновување на вашето тело, туку тоа вели: „преобразете се со возобновување на вашиот ум.“ Римјаните 12,2. Ние ќе бидеме преобразени со обновување на нашето тело, но треба да бидеме преобразени преку обновувањето на нашите умови.

Господ Исус го земал истото месо и крв, истата човечка природа која ја имаме и ние, грешно тело како нашето, и поради гревот, и преку силата на Божјиот Дух и преку божествениот ум кој бил во Него, „Тој го осуди гревот во телото.“ Римјаните 8,3. И во тоа е нашето ослободување (Римјаните 7,25); во тоа е нашата победа. „Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос.“ „Ќе ви дадам ново срце, и нов Дух ќе ви дадам.“

Не се обесхрабрувајте од помислата на грешноста во телото. Само со светлината на Божјиот Дух, и според распознавањето на Христовиот ум, можете да видите колку грешност има во вашето тело, а колку повеќе грешност гледате во вашето тело, толку повеќе поседувате Дух Божји. Ова е точен тест колку имате Дух Божји. Тогаш, кога ќе видите грешност во изобилие во себе, благодарете Му на Господ што имате толку многу Дух Божји со кој гледате толку многу грешност, така знајте со сигурност, кога имате грешност во изобилие, имате уште поголемо изобилие на благодат бидејќи: „како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.“

A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Apr. 18, 1899

Pin It on Pinterest