Од листата што Господ ја напиша во 2. Коринтјаните  6,1-10, јасно е дека нема нешто што би дошло во животот на еден христијанин, а Божјата благодат да не го земе и сврти на добро за верникот, и послужи само за подобрување на патот за совршенство во Исуса Христа. Оваа Божја благодат секогаш ќе го прави ова, и ништо друго, само ако тој дозволи Господ да има свој начин во неговиот живот; само доколку дозволи да владее благодатта. Па така „сè е заради вас“ и така „на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè им содејствува за добро.“ Ова е величествено. Навистина е славно. Тоа е самото спасение. На овој начин верникот е во можност „секогаш“ да има „победа во Исуса Христа.“

Меѓутоа, ова е само половина. Господ има намера не само да го спаси оној кој сега верува, Тој сака да го искористи за ширење на познанието за Бога, како би можеле и тие да поверуваат. Не смееме да помислиме дека Божјите дарови и благодат се само за нас. Најпрвин се тие за нас, тоа е вистина. Но, најпрвин се за нас не како би се спасиле само ние, но со тоа да можеме да бидеме од корист на сите други за да им го пренесеме знаењето за Бога. Ние самите мораме да бидеме учесници во спасението пред да ги насочиме другите кон него. Затоа е запишано: „Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат.“ „А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христа и ни го даде служењето на тоа измирување.“

Па така, секој кој ќе ја прими Божјата благодат, во исто време со неа ја прима службата на таа благодат за сите други. Секој оној кој ќе се помири со Бога, со тоа помирување добива служба за помирување на сите други. Овде исто така важи и поттикнувањето: „Ние… ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја.“ Дали сте соучесници во благодатта? Тогаш, „Служете си еден на друг;“ не примајте ја залудно. Дали сте помирени со Бога? Тогаш знајте дека исто така Ви дал и вам служба на помирување. Дали ја добивте оваа служба залудно?

Ако не ја примаме Божјата благодат залудно, кога би дозволиле благодатта да владее, Господ ќе предизвика да биде така во „сè“ и со тоа се „препорачуваме за служители Божји.“ Ова е вистината: Господ така вели, и тоа е така. „Во сè се препорачуваме за служители Божји.“ Тоа значи, во сите работи ќе им го пренесуваме на другите знаењето за Бога. И така, Неговата намера не е само да нè направи секогаш победници „во Исус Христос“ за нас самите, но „и на секое место преку нас“ да „го пројавува мирисот на познанието на Самиот Него.“ Тоа значи, дека Тој има намера преку нас другите да го запознаат Него.

Ова ние не можеме самите да го направиме. Тој треба да го направи тоа преку нас. Ние треба да соработуваме со Него. Ние треба да работиме заедно со Него. И кога така ќе соработуваме со Него, тогаш со сигурност како што го правиме тоа, со таква сигурност Тој ќе предизвика секогаш да победуваме во Христа, и исто така ќе направи да го манифестираме познанието за Него во секое место. Тој може тоа да го направи; благодарете Му на Господ. Не велете, немојте ниту да помислите, дека Тој не може ова да го направи преку вас. Тој може да го направи тоа преку вас. Тоа и ќе го направи, само ако не ја примите Неговата благодат залудно. Но, само кога би дозволиле благодатта да владее; само кога би биле работници со Него.

Вистина е дека е тајна како тоа може да се направи. Мистерија е како може Бог да го манифестира познанието за Него преку такви личности какви што сме јас и ти, било каде, а уште помалку во секое место. Сепак, и покрај тоа што е тајна, тоа е вистината. Но, дали не веруваме во Божјата тајна? Секако дека веруваме. Тогаш, никогаш не заборавај дека Божјата тајна е Бог пројавен во тело. А јас и ти сме тело. Тогаш, Божјата мистерија е Бог манифестиран во мене и тебе кои веруваме. Верувајте.

Исто така не заборавајте, дека Божјата мистерија не е Негово манифестирање во безгрешно тело, Туку, Бог се манифестира во грешно тело. Не би имало никаква мистерија ако Бог се манифестира Себеси во безгрешно тело – во тело кое никогаш немало никаков допир со гревот. Тоа би било доста јасно за разбирање. Но, тоа дека Тој може да се манифестира Себеси во тело натоварено со грев и со сите тенденции на гревот, како што е нашето тело – тоа е мистерија. Да, тоа е Божја тајна. И тоа е восхитувачки факт, благодарете Му на Господ! Верувајте. И пред целиот свет, за веселба на секој во светот, во Исус Христос. Тој има демонстрирано дека оваа голема мистерија е навистина факт во искуството на луѓето. „А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа.“ „Затоа Тој мораше во сè да личи на браќата.“ Па затоа „Бог за нас Го направи грев“, „и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас.“ Така, во нашето тело, имајќи ја природата натоварена со беззаконие и Самиот направен да биде грев, Исус Христос живеел во овој свет, искушуван во сè како што сме и ние, а сепак Бог секогаш предизвикувал победа во Него и го манифестирал познанието за Него и преку Него во секое место. Така Бог се покажа во тело – во нашето тело, во човечко тело натоварено со грев – и направи да биде грев сам по себе, слаб и искушуван како нас. И на тој начин, Божјата тајна за послушноста на верата била спознаена од сите нации. О, да, верувајте!

И ова е Божја мистерија за денес и за во вечноста – Бог пројавен во тело, човечкото тело, во тело натоварено со грев, искушувано, ставено на проби. Во ова тело Бог ќе манифестира познание за Него во секое место каде што би се нашол верник. Верувајте и славете Го Неговото свето име!

Ова е мистеријата која денес во троангелската порака, за покорувањето на вистината, повторно ќе биде спознаена од сите нации. Ова е Божјата тајна која во ова време ќе биде „завршена“ – но не завршена само во смисол на доаѓањето на крајот на светот, туку во смисол на донесување до завршеток на своето дело во верникот. Ова е време кога, Божјата мистерија ќе биде завршена во смисол на Божјата манифестација во телото на секој верник, и во секое место каде што ќе се најде тој верник. Ова е и на дело и во вистина, држењето на Божјите заповеди и верата Исусова.

„Но, не плашете се, зашто Јас го победив светот.“ Јас го имам прикажано Бога во телото. Нашата вера е победа која го надвладеала светот. Па затоа, и сега „да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на познанието на Самиот Него.“

A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Sept. 29, 1896

Pin It on Pinterest