Ellet J. Waggoner

Четвртата глава од Римјаните е една од најбогатите во Библијата која содржи надеж и храброст за христијанинот. Во Авраам имаме пример за праведност преку вера и пред нас стои прекрасното наследство кое е ветено на оние кои ја имаат верата Аврамова. А ова ветување не е ограничено. Авраамовиот благослов доаѓа како на Евреите така и на друѓите народи; нема ниту еден толку сиромашен кој не може да учествува, бидејќи „тоа е од верата, за да биде по милост“; до крајот на ветувањето може да биде сигурно за сите потомци.

Последниот дел од седумнаесеттиот стих е вреден за специјално внимание. Ја содржи тајната за можноста на успехот во христијанскиот живот. Таму вели дека Авраам му поверува на Бога, „Кој ги оживува мртвите и го повикува да суштествува, она што не суштествува.“ Ова ја опишува Божјата моќ, која инволвира креативна моќ. Бог може да каже за нешто кое не постои, дека постои. Ако човек направи нешто такво, како ќе го наречете тоа? Лага. Ако човек каже дека нешто постои, кога тоа не постои, тоа би било лага. Но Бог не може да лаже. Затоа, кога Бог зборува за работи како да постојат, кои не постојат, очигледно е дека тоа ги прави да постојат. Тоа значи дека тие извираат во постоење со Неговото слово. Сите сме слушнале, како илустрација на доверба, како некое мало девојче кажува дека: „кога мама нешто вика, тоа е така и кога не е така.“ Така е буквално кога се работи за Бог. Пред да биде изговорено: „во почетокот“, имало безживотна пустелија на апсолутна ништожност; Бог кажа, и световите веднаш бликнале во постоење. „Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни… зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа.“ (Псалми 33,6-9). Оваа е таа сила која е прикажана во Римјаните 4,17. Сега, да продолжиме да читаме за да можеме да ја видиме силата на овој јазик во врска со ова. Апостолот зборувајќи сè уште за Авраам вели: „Авраам, без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: ‘Такво ќе биде твоето потомство.’ И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе безживотно, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата Сарина е речиси веќе безживотна; и во ветувањето Божјо не се посомнева со неверие, туку остана со цврста вера и Го прослави Бога, наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил. Затоа тоа му се сметаше за праведност“ (Римјаните 4,18-22).

Од ова учиме дека верата на Авраам во Бога, како некој кој може да произведе нешто во постоење преку Неговото слово, била покажана со почит на Неговата способност да создаде праведност во лице кое е лишено од неа. Оние кои гледаат на пробата на Аврамовата вера како поврзаност со раѓањето на Исак и како таму завршува, ја губат поентата и убавината на тој свет запис. Исак бил единствениот наследник на тоа семе, а тоа семе било Христос. Види во Галатјаните 3,16. Кога Бог му кажал на Авраам дека во неговото семе сите народи на земјата ќе бидат благословени, Бог му го проповедал евангелието (Галатјаните 3,8); всушност, Авраамовата вера на Божјото ветување била директна вера во Христос како Спасител на грешниците. Ова било верата која му се сметала за праведност.

Сега, забележете ја силата на таквата вера. Неговото тело било веќе практично мртво поради годините, а Сара била во слична состојба. Раѓањето на Исак од таква двојка било ништо помалку од доведување на живот од мртвите. Тоа било симбол на Божјата моќ за да го оживее духовниот живот на оние кои се мртви во нивните престапи и гревови. Авраам се надевал без никакава основа за надеж. Немало никаква човечка можност да се исполни ветувањето; сè било против тоа, но неговата вера го прифатила и се потпрела на непроменливото Божјо слово и на Неговата моќ да создаде и да оживее. „Затоа тоа му се сметаше за праведност.“ Сега, целта на сето тоа: „Но, не само за него е напишано дека му се сметаше, туку и за нас: ќе ни се смета, ако веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исус Христос, нашиот Господ, предаден за нашите гревови и воскреснат за нашето оправдание“ (Римјаните 4,23-25).

Така Авраамовата вера била онаква каква што треба да биде нашата, и тоа во истиот облик. Фактот дека со вера во смртта и воскресението на Христос ја имаме истата праведност која ни се припишува нам која била припишана на Авраам, покажува дека верата на Авраам е исто така вера во смртта и воскресението на Христос. Сите Божји ветувања на Авраам се однесуваат на нас колку и на него. Всушност, на едно место ни е кажано дека тие се специфично за наша корист. „Бог, кога му ветуваше на Авраам, бидејќи немаше ништо поголемо во што би се заколнал, се заколна во Себе.“ „Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше јасно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена“ (Евреите 6,13.17.18). Па така, нашата надеж се потпира на Божјото ветување и заклетва на Авраам, бидејќи тоа ветување на Авраам, потврдено со заклетвата, ги содржи сите можни ветувања кои Бог може да ги даде на човекот.

Но, ајде да го направиме ова прашање малку по-лично пред да го оставиме. Трепетна душо, не кажувај дека твоите гревови се толку многу и дека си толку слаба што нема надеж за тебе.

Христос дојде да ги спаси загубените, и Тој е способен да ги спаси до крај оние што доаѓаат кај Бога преку Него. Ти си слаб, но Тој вели: „Бидејќи Мојата сила се покажува потполно во слабоста“ (во некои преводи: „потполно/совршено“) (2. Коринтјаните 12,9). А инспирираното писмо ни кажува за тие кои „од немоќни станаа крепки, станаа силни“ (Евреите 11,34). Тоа значи дека Бог ја земал нивната слабост и ја претворил во сила. Правејќи го тоа, Тој ја демонстрира Неговата моќ. Тоа е Неговиот начин на работа. „Но Бог го избра она што е безумно за овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните; Бог ги избра и неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто, та никој да не се пофали пред Бога“ (1. Коринтјаните 1,27-29).

Имајте ја едноставната вера на Авраам. Како постигнал праведност? Не размислувајќи за мртвоста и немоќта на сопственото тело, туку со тоа што сакал да му ја додели сета слава на Бога, силен во верата дека Тој може да донесе сè од таму каде што немало ништо. Затоа, на сличен начин, не сметајте ја слабоста на сопственото тело, туку силата и благодатта на нашиот Господ, уверувајќи се дека истиот збор што може да создаде универзум и да ги подигне мртвите, исто така, може да создаде во вас чисто срце и да ве оживи во Бога. И така, ќе бидете деца Авраамови, дури и деца Божји преку вера во Христа Исуса.

Pin It on Pinterest