A. T. Jones

Многу луѓе копнееле и копнееле за чисто срце. Тие велат: „Јас верувам во простување на гревовите и сето тоа, и би го прифатил, но само кога би бил сигурен дека можам да издржам, но во моето срце има толку многу зло и толку многу нешта кои треба да ги победам што немам ниту малку самодоверба.“ Но, тука стои словото: „Создај чисто срце во мене.“ Чисто срце доаѓа преку создавање и преку ништо друго; и тоа создавање се извршува само преку Божјото слово. Бидејќи Он вели: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам.“ Сега, дали сте креационист или еволуционист? Дали ке излезете од овој дом со зло срце или со ново срце создадено од Божјото слово, кое има креативна енергија да создаде ново срце? Ти зборува за ново срце. Секому му зборува за ново срце, и ако дозволите да помине момент помеѓу кажаното слово и новото срце, вие сте еволуционист. Кога дозволувате да помине време помеѓу кажаното слово и испонувањето на нештото во вашиот живот, вие сте еволуционист.

Овде има такви кои рекоа: Да, го сакам тоа. Ќе го имам тоа. Јас верувам дека словото ќе го постигне тоа, но тие го одолговлекувале тоа до следниот собир, па до следниот, и така поминувале години, но и тие се исто толку еволуционисти, како и другите. „Додека многумина лебдат во врска со тајната на верата и побожноста, всушност можеле да го решат проблемот прогласувајќи [разгласувајќи, кажувајќи го на глас]: ‘Знам дека Исус Христос е мое наследство засекогаш.’“ Силата за да се создаде ова е во Божјото слово, и кога ова ќе се прифати, творечката енергија е таму за да го создаде нештото кое е кажано. Значи, можеш да го решиш целиот проблем на мистеријата на верата и побожноста, објавувајќи дека знаеш, дека Христос е твоето наследство засекогаш.

Мистерија е како Бог може да се манифестира во грешно тело како твоето. Но, внимавајте, прашањето сега не е за мистеријата; прашањето е: Дали постои нешто такво како создавањето? Постои ли нешто такво како Создател, кој може во тебе да создаде чисто срце?

Или можеби сето тоа е еволуција? Сега, дури и помеѓу адвентистите на седмиот ден, прашањето од денес па сè до крајот на светот мора да биде: Дали верувате во Создателот? И кога ќе верувате во Создателот, со што Он создава? Се разбира ќе кажете: преку Божјото слово. Многу добро. Сега, дали Он создава нешта за тебе преку Неговото слово? Дали сте креационист за другите еволуционисти, а потоа еволуционист за другите креационисти? Кое ќе биде?

Друго нешто. Словото вели: „Исчистете се.“ Во далечното минато, Тој рекол: „Нека биде светлина!“ И настана светлина.“ Тој рекол на лепрозниот: „Очисти се!“ и „тој веднаш се очисти.“ Тој сега тебе ти вели: „Бидете чисти,“ и сега што? Секој од вас – што треба да кажете? [Глас: „Така и стана.“] Тогаш, за доброто на вашата душа, потпрете се на креативното слово. Препознајте ја творечката енергија во Божјото слово кое доаѓа до тебе во Библијата, бидејќи Божјото слово во Библијата е исто за тебе денес, како што било кога со кажување ги постави световите и донесе светлина од темнина и го очисти лепрозниот. Тоа слово кое ти е кажано денес, ако е примено, ќе те создаде нов во Исус Христос. Тоа слово, кажано во темната празнина, одекнува во просторот на вашето срце, и ако се прими, таму ќе ја произведе Божјата светлина; тоа слово кое ти е кажано денес како на лепрозен од грев, ако се прими, веднаш ќе те очисти. Дозволи му. Дозволи му. Како да бидам чист? Преку творечката енергија на словото: „Исчистете се.“ Затоа е напишано: „Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.“ Јован 15,3.

Дали сте чисти? Дали од овој момент ќе бидете креационист? Или ќе продолжите да бидете еволуционист?

Гледате ли колку оваа работа е благословена! Кога го читате словото, го примате и кога мислите на словото, што ви прави тоа на вас? О, па тоа создава! Творечката енергија е во вас произведувајќи ги нештата кои словото ги зборува, и со тоа вие живеете во присуство на моќта на создавањето. Се случува создавање во вашиот живот. Бог во вас создава праведност, светост, вистина, верност – секоја добра, благородна доблест.

И кога е ова така, вашето држење на саботата ќе има корист, бидејќи саботата е за сеќавање на создавањето – знакот дека оној кој празнува, го познава Создателот и е запознаен со процесот на создавање. Но ако сте еволуционист, со сигурност вашето држење на саботата е лажно.

Сè додека ден за ден не ја препознаете креативната енергија во Божјото слово, вашето држење на саботата е лажно, бидејќи саботата е спомен на создавањето. Тоа е „знак меѓу Мене и вас, па (преку тоа) да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог,“ Создателот на сите нешта.

Во втората глава од Ефесјаните, од осмиот до десеттиот стих, читаме: „Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој. Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив.“

Не треба да очекувате дека ќе добиете добри дела од вас самите. Сте пробувале. Еволуцијата пробува и секогаш ќе пробува, но без успех. Зошто да се обидуваш да правиш добри дела, кога знаеш дека нема да успееш? Слушнете ме. Никогаш нема да има добри дела во вас од било кој вид, од сега па до крајот на светот; прифатете дека тие се создадени таму од Самиот Создател, преку Неговото слово, кое во себе ја има творечката енергија. Не заборавајте го тоа. Дали сакате да одите со добри дела кога ќе излезете од овој дом? Тоа може да биде направено само преку создавање на добри дела во Исус Христос. Престанете да се обидувате. Погледнете кон Создателот и примете го Неговото творечко слово. „Словото Христово изобилно нека се всели во вас,“ и тогаш тие добри дела ќе се појават и вие ќе бидете христијанин. Тогаш, бидејќи живеете со Создателот и сте во присуство на творечката енергија, ќе имате пријатна, тивка и вистинска сила и ќе се развивате така како што доликува на еден христијанин.

Кога Он ќе ви каже дека „ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив,“ тогаш, препознајте Го Создателот, препознајте ги само добрите дела кои се создадени во нас, не обрнувајќи внимание на било каква друга работа која не е создадена таму, бидејќи нема ништо добро освен тоа кое е создадено од Господ.

Сега, вие сте создадени наново во Исус Христос. Тој така вели. Благодарете му дека е тоа така. Што! Можеш ли да бидеш еволуционист покрај тој стих? Тој е во сегашно време, „ние сме Негова творба“. Ние сме создадени во Христос Исус за добри дела. Дали сте? Словото е кажано. Тоа е творечкото слово. Колку време ќе дозволите да помине помеѓу Божјото слово и вашето битие да биде создадено одново? За создавањето во почетокот, вие рековте дека е еволуционист секој човек кој дозволува па дури и минута да помине помеѓу словото и нештото. Што сте вие сега на ова Божјо слово, кое создава луѓе во Исус Христос за добри дела? Дали сте еволуционист овде? Дојди и сите да бидеме креационисти.

Не приметувате дека на овој начин нема потреба од долг, досаден и исцрпувачки процес за да бидете спремни да се сретнете со Господ во славата? Многумина гледаат на себе. Тие знаат дека во природата на нештата мора да е потребно исклучително долг период за да се биде подготвен за средба со Него. Ако тоа се прави преку еволуција, никогаш нема да се постигне. Но, кога ќе биде направено преку создавањето, ќе биде и сигурно и брзо постигнато. Тоа слово за кое зборував, е слово кое секој овде може да го земе во себе. „Додека многумина лебдат во врска со тајната на верата и побожноста, всушност можеле да го решат проблемот разгласувајќи [кажувајќи го на глас]: „Знам дека Исус Христос е моето наследство засекогаш.““

Можете ли да видите колку сме биле еволуционисти? Ќе се откажеме? Дојдете сега да бидеме креационисти и да завршиме со тоа. Ајде вистински да ја држиме саботата. Ајде да Му веруваме на Господ. Тој зборува за простување. Тој зборува за чисто срце. Тој зборува за светост; Тој и го создава тоа. Дозволете Му да го создаде тоа во вас. Престанете да бидете еволуционист и дозволете тоа творечко слово да делува во вас, дозволете творечката енергија да работи во вас, тоа што словото и го кажува, и пред да заминете од овој дом, Бог ќе ве направи спремни за средба со Него. Навистина, со тоа вие Го сретнувате Него. И откако ќе се сретнете со Него и ако секој ден на ваков начин се среќавате со Него, не сте ли со тоа спремни на средба со Него? Дали верувате во тоа? Вие верувате дека Он ги создал световите кога Тој прозборел, светлото се појавило преку кажувањето на Неговото слово, и дека лепрозниот бил веднаш очистен кога Он прозборел, но за себе мислите дека треба значително време да помине помеѓу кажувањето на словото и неговото остварување. О, зошто да бидеш еволуционист? Создавање, создавањето – тоа е вистинското.

Јас и вие сме тие кои треба да ги повикаме луѓето на вечерата; ние треба да кажеме на сите луѓе: „Дојдете, зашто веќе сè е подготвено!“ Како можам да повикувам луѓе бидејќи сè е подготвено, кога јас самиот не сум подготвен? Тоа е лага. Моите зборови нема да допрат до него. Тие се само празен звук. Но, кога во тој повик е творечката енергија на словото кое нас нè подготви, кое нè очисти од гревот, кое нè создаде за добри дела, кое нè држи во правец како што го држи и Сонцето во неговиот правец кој Бог го определил – тогаш кога ќе одиме напред и му кажеме на светот кој лежи во изопаченост: „Дојдете, зашто веќе се е подготвено!“ – тогаш ќе слушнат. Тие во повикот ќе го слушнат гласот на Добриот Пастир, и со радост ќе дојдат кај Него за творечката енергија, да ја земат во себе за да ги направи нови созданија за да се подготват за вечерата на која се повикани.

Еве каде сме ние во историјата на овој свет. Божјиот знак се става на луѓето. Но запомнете, Он нема да го стави Својот знак на некого кој не е очистен од секаква мана. Бог нема да го стави Својот печат на нешто невистинито, нешто кое не е добро. Би Го прашале ли да го стави Својот печат на праведност, на нешто што е потполно неправедност? Не би имале лице да го направите тоа. Знаете дека Он е премногу праведен да направи такво нешто. Тогаш, Он мора да те очисти за да може да го стави Својот печат на својата творба. Он не може да го стави Својот печат на твојата творба. Неговиот печат припаѓа само на документ кој лично Тој Го одобрил. Дозволи му да го напише Неговиот карактер на твоето срце и тогаш Он ќе може да го стави Својот печат во него. Тој може да го напише Неговиот печат на одобрување во твоето срце, само кога Неговото творечко слово ќе ја постигне својата цел во твоето срце.

Можете да видите во чие присуство сме ние; можете да видите колку долго треба за да се исцрпи таков предмет како што е овој. Но, браќа, кога ќе завршиме, да завршиме во присуството на создавањето. Да не бидеме повеќе еволуционисти. Да не дозволиме ниту момент да помине помеѓу кажувањето на Божјото слово и неговото остварување во вас. Па така, живеејќи во присуството на создавањето, чекорејќи со Создателот, поддржани од творечката сила, инспирирани од творечката енергија, и со такви луѓе, Бог може да го допре целиот свет за малку време.

Ако на почетокот мислевте дека ова е чудна тема за ваква прилика како денешната (тоа било темата со која се затвора молитвената седмица), сега можете да видите дека ова е вистина за нашето време. Има само два начина. Нема средина. Секој маж и жена во светот е или креационист или еволуционист. Еволуцијата е неверство; таа е смрт. Создавањето е христијанство; тоа е живот. Одберете создавање, христијанство и живот, како би живееле. Ајде да бидеме само креационисти и тоа креационисти засекогаш. И нека сите луѓе кажат: Амин.

Advent Review and Sabbath Herald, February 21, 1899, by A. T. Jones

Pin It on Pinterest