А праведноста од верата вели: „Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се искачи на небото?“, што значи да се симне Христос, или: „Кој ќе слезе во бездната?“, што значи да се изведе Христос од мртвите! А што вели таа? – Бидејќи: „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце; односно словото на верата, што го проповедаме,“ „Зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш; Римjаните 10,6-9.

Може ли да ги прифатиме овие зборови, посебно изјавата на последниот стих, како буквално вистински? Би биле ли во опасност ако така направиме? Не е ли потребно нешто повеќе од верата во Христос за спасение? На првото прашање ќе одговориме со: Да, а на другите две ќе одговориме со: Не, и ќе се обратиме на Писмата за потврда. Толку едноставна изјава не може да биде ништо друго освен целосно вистинита на која може да се потпре грешникот кој трепери.

Како доказ, ќе го земеме примерот на стражарот од Филипи. Павле и Сила, откако биле нехумано претепани, биле ставени под негова грижа. Без оглед на нивните ранети грбови и нивните измачени стапала, тие се молеле и пееле пофалби на Бога на полноќ и одеднаш земјотрес го потресол затворот, и сите врати биле отворени. Не било тоа страв, природно предизвикан само поради земјотресот или поради стравот од римската казна ако избегаат затворениците под негов надзор, кој предизвикал стражарот да затрепери. Но, тој го почувствувал земјотресот како предзнак на судниот ден, за кој и самите апостоли проповедале; и треперејќи под товарот на вината, тој паднал пред Павле и Сила, велејќи:

„Господа, што треба да направам, па да се спасам?“ Добро запазете го одговорот; бидејќи тоа било екстремно напатена душа и тоа што било доволно за него, сигурно е и пораката за сите изгубени души. На болната молба од стражарот, Павле одговорил: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ Дела 16,30.31. Ова директно се совпаѓа со зборовите кои ги цитиравме од Павловото послание до Римјаните.

Во една прилика Евреите му рекле на Исуса: „Што да правиме за да ги извршуваме Божјите дела?“ Токму тоа што и ние сакаме да го знаеме. Запазете го одговорот: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој.“ Јован 6,28.29. Дали овие зборови би можеле да бидат напишани со златни букви и постојано да се чуваат пред очите на секој христијанин кој се бори? Очигледниот парадокс е разјаснет. Делата се неопходни, но верата е сеопфатна, бидејќи верата ги врши делата. Верата содржи сè а без вера нема ништо.

Проблемот е што луѓето генерално имаат погрешно сфаќање за верата. Тие замислуваат дека тоа е само согласност и дека тоа е само пасивна работа на која мора да се додадат активни дела. Но, верата е активна и не само што е суштинска работа, туку и единствен вистински темел. Законот е Божјата праведност (Исаија 51,6.7), која ни е наредено да ја бараме (Матеј 6,33) но таа не може да се поседува освен преку верата, бидејќи единствената праведност која ќе помине на судниот ден е „преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога преку верата.“ Филипјаните 3,9.

Прочитајте ги Павловите зборови во Римјаните 3,31. „А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме.“ Тоа што луѓето го укинуваат Божјиот закон со тоа тие не го бришат од постоење; бидејќи тоа е невозможно. Тој е зацврстен исто како и Божјиот престол. Без разлика што луѓето кажуваат за законот, или пак колку и да газат и да го понижуваат, тој останува ист. Единствениот начин човекот да го укине Божјиот закон е да не дозволи тој да има влијание на неговото срце преку неговата непослушност. Во Броеви (4. Мојс.) 30,15 кажано е заклетвата која била прекршена, мора да се укине. Значи кога апостолот вели дека не го укинуваме законот преку верата, тој мисли дека верата и непослушноста се некомпатибилни. Без разлика, тој што го крши законот колку и да кажува дека е верен, фактот е дека тој е беззаконик и покажува дека тој нема вера. Поседувањето на верата се покажува со воспоставување на законот во срцето, па така човекот не греши против Бога. Никој да не ја прогласува верата како да е од мала важност.

Зарем апостол Јаков не вели дека верата не може да спаси човек и дека верата без дела е мртва? Ајде да погледнеме на неговото писмо за момент. Многумина со искрена намера го имаат превртено тоа во мртов легализам. Тој навистина вели дека верата без дела е мртва и ова целосно се согласува со тоа што претходно го цитиравме. Бидејќи ако верата без дела е мртва, отсуството на дела го покажува отсуството на верата; бидејќи тоа што е мртво не постои. Ако некој има вера, делата сами ќе се појават и тој нема да се фали ниту со едно од нив, затоа што преку вера фалењето е исклучено. Римјаните 3,27. Фалењето е само одлика на оние кои веруваат целосно на мртвите дела или на оние за кои објавата на верата е празен потсмев.

Тогаш што е со Јаков 2,14, кој вели: „Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?“ Одговорот се подразбира, не може. Зошто не? Затоа што нема. Каква е ползата ако некој рече дека има вера, ако со својот изопачен пат покажува дека нема ниту малку? Дали треба да ја омаловажуваме силата на верата само затоа што не прави ништо за некој човек кој лажно ја претставува? Павле зборува за тие кои тврдат дека го познаваат Бога, но се одрекуваат од Него со нивните дела. Тит 1,16. Човекот за кого Јаков зборува всушност припаѓа на таа група. Фактот дека тој нема никакви добри дела – нема плодови на Духот – и покрај неговите гласни тврдења, покажува дека тој нема вера, и нормално дека верата не може да го спаси; бидејќи верата нема моќ да спаси некого којшто ја нема.

Ellet J. Waggoner

Pin It on Pinterest