Давид Хавиер Перез, Мексико
„Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила.“ (Филипјаните 4:13 ; Библија)
Едно топло и суво лето колпортирав (тоа значи „продавав книги“) во жешкото Мексико Сити, еден од најголемите градови во светот. Во текот на пет недели поминував повеќе многукатници низ градот, но не продадов ниту една книга. Без ниту една продадена книга почнав да снемувам пари. Од она оставено на страна имав доволно само колку да купам залихи зелка за да можам да се прехранам уште една седмица. Ме обзема такво обесхрабрување што на ум ми доаѓаше да се откажам, но наместо тоа, ги затворив своите очи и сесрдно се помолив, повикувајќи се на Божјите ветувања: „Господе, Ти знаеш дека целата моја иднина зависи од тебе. Сакам да ги продадам овие книги и да им ја пренесам на луѓето пораката за Твојата љубов и да ги продолжам своите студии за проповеднчка служба. Те молам, помогни ми! Ти си моето единствено засолниште! Амин.“
Тој ден се вратив пред зградата на Народната лотарија, облакодер од 46 спратови, во кој два пати ми беше забранета дозвола за влез. На главниот влез постојат неколку камери кои ги снимаат сите влезови и излези. Кога стигнав до влезот, храбро тргнав напред, поминувајќи пред камерите и пред чуварите кои ништо не ме прашаа. Се упатив директно на третиот кат, а првиот човек на кој наидов беше одговорниот на обезбедувањето за целата зграда. Ме запраша: „Како влезе? Кој ти дозволи да бидеш тука?“ Му одговорив дека влегов со Божја помош. Тој ме замоли да почекам додека ги провери камерите и да погледне кој бил на должност во времето кога влегував во зградата. За негово изненадување, камерите воопшто не ме забележале, како ни ниеден од чуварите во тој момент. „Па тоа е вистинско чудо“, ми рече. „Ти си дух! Како можам да ти помогнам?“
Му ги покажав книгите кои ги имам и побарав со него да го посетам 46-от спрат. Рече дека тоа никако не можам да го направам, но веднаш потоа, доби одлична идеја. Се согласи да ми обезбеди чувар кој ќе ме следи во текот на двете наредни седмици, така што ќе можам да ги претставам своите книги на сите вработени во нивната зграда. Чуварот ме водеше наоколу во текот на првата седмица, слушајќи и гледајќи како ги претставувам книгите и сè што правев. Во текот на втората седмица чуварот веќе превзеде дел од она што до тогаш го правев јас – ги претставуваше книгите, а јас ги пополнував порачките! Каков успех! Во таа зграда продадов 250 комплети книги, што ми обезбеди доволна сума на пари за финансиски да можам да ги платам цели наредни две години од студирањето. Она што не можев да го исполнам сам во текот на пет седмици, Бог го исполни за само две. Тоа воедно беше и моментот во кој научив бесценето важна лекција: Човекот мора сесрдно да се моли, а Христос ќе ни овозможи сè.