ВОСХИТУВАЧКИ ФАКТ: Планета – сирак е планетарен објект кој е преместен од неговиот систем и не е повеќе врзан за гравитационите сили на некоја ѕвезда. Некои астрономи всушност веруваат дека има двојно повеќе планети-сираци со големина колку Јупитер, отколку што има ѕвезди.
Концептот и разбирањето за планетите во текот на историјата се развија и се проширија за да вклучат светови, не само од нашиот сончев систем, туку и од стотици други сончеви системи. Обидот да се дефинира што е „планета“, доведе до многу научни контроверзии.
Петте класични планети видливи со голо око се познати уште од античките времиња. Тие имаат големо влијание врз митологијата, религиозната космологија и античката астрономија. Пред неколку илјади години, астрономите забележале како некои светла се движат низ небото, споредувајќи ги со другите ѕвезди. Античките Грци овие светла ги нарекувале „заскитани ѕвезди“. Грчкиот збор planetoi значи „скитници“, од каде произлегува денешниот збор „планета“.
Во кратката Новозаветна книга на Јуда, писателот предупредува за лажни учители кои ги воделе христијаните во заблуда. Тие можеби проповедале за слобода и благодат, но нивните животи покажале дека не веруваат навистина во Исус Христос. Биле неморални и деструктивни. Јуда ги опишува вака: „Тие се безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрва, двапати умрени и откорнати; бесни морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои се чува мрачна темнина довека.“ (Јуда 12.13; Библија).
Можеби писателот на оваа книга ја разбирал астрономијата подобро од тогашните негови колеги астрономи. Неговиот опис на ѕвездите скитници (планети-сираци) всушност ги објаснува доста добро овие планетарни предмети кои не се врзани за орбитата на некоја ѕвезда. Ние, исто така, можеме да се најдеме како ѕвезди скитници кога се обидуваме да живееме во нашите сопствени сфери на орбитата. Ќе најдеме повеќе значење и цел во животот, ако дозволиме да бидеме повлечени од Духот во орбитална врска со Синот на Праведноста Исус Христос.
КЛУЧЕН БИБЛИСКИ ТЕКСТ
„А на Оној, Кој може да ве запази од сопнување и да ве постави непорочни во радосно воскликнување пред Својата слава, на Единствениот Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа нашиот Господ – слава, величие, сила и власт пред секое време и сега и во сите векови. Амин!“ (Јуда 1:24.25; Библија)