МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(14 – 20 јуни: Приодите до среќата секогаш достапни)  

„Големи се Господовите дела, нека размислуваат за нив сите, што ги љубат. Сјајно и величествено е Неговото дело, и Неговата правда останува довека. Со Своите чуда, направи спомен, Господ е благ и милостив (Псалм 111:2-4; Библија)

Бог, Којшто домот на нашите прародители во Едем го направил така привлечен и прекрасен, и нам ни дал прекрасни дрвја, прекрасно и убаво цвеќе и безброј други убавини во природата за да нѐ направи среќни.

Каде и да се свртиме во природата можеме да ги видиме траговите на нејзината првобитна убавина. Секаде и во сѐ можеме да го слушнеме Божјиот глас и да ги набљудуваме делата на Неговите раце.

Илјадници и илјадници гласови во природата непрекинато Го слават и фалат Бога. На земјата, во воздухот, на небесниот свод со чудесни нијанси и преливи на бои, коишто се менуваат од преубав контраст до најтенко склопување во складна целина, во сето тоа можеме да ја гледаме Неговата слава. Врвовите на вечните планини ни зборуваат за Неговата сила. Дрвјата, чиешто бујно зеленило се прелива на сонцето, укажуваат на својот Творец. Цвеќето, коешто ја кити земјата со својата убавина, ни шепоти за Едем и нѐ исполнува со копнеж за неговата непоминлива убавина. Живото зеленило, кое како прекрасен ќилим ја покрива површината на земјата зборува за Божјата грижа и кон Неговите најситни созданија. Морските пештери и длабочините во земјата го откриваат неговото богатство. Оној, Којшто на бисерите им го одредил местото во океанот и на скапоцените камења – аметист и хрисолит меѓу карпите на високите планини го сака сето она што е убаво и привлечно. Сонцето со својот изгрев и блескава патека по небесниот свод го претставува Оној Којшто дава светлина и живот на сето она што го создал. Сите убавини коишто ја украсуваат земјата и светлината којашто го осветлува небото ни зборуваат за Бога.

Дали треба, уживајќи ги сите тие дарови, да заборавиме на Дародавецот? Напротив, нека сето тоа нѐ наведува да размислуваме за Неговата добрина и љубов. Нека сето она што е убаво на оваа земја нѐ потсетува на кристалната река и зелените полиња, разгранетите дрвја и живите извори, блескавиот град и пејачите облечени во бело, на нашата небесна татковина – на светот на такви убавини коишто ниту еден уметник не може да ги наслика, ниту пак со јазикот на смртникот можат да се опишат.

Pin It on Pinterest