(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата Времето и знаците)

Очигледно е дека за време на силните земјотреси се случуваат, како што рековме, гигантски тектонски нарушувања, сеизмички поместувања и промени во земјината кора – тонат џиновски планински масиви, исчезнуваат острови, се јавуваат непрегледни кратери и процепи и огромни копнени парцели се придвижуваат во различни насоки, вршејќи силни притисоци врз копното пред себе, при што настануваат колосални напрегања и подлабоко во земјината утроба, силна пресија врз енергентите што се складирани таму и нарушување на енергетската рамнотежа и излив на енергијата со која таа располага во вид на силни, разурнувачки експлозии, татнежи, нови потреси и вулкани со страшни последици.

Слушаме и гледаме како оживуваат со векови мртви вулкани, а никнуваат и нови, на нови места и, според претходните библиски пророштва, разнишаната и восколебана вжештена земјина утроба, гибната и притисната од тектонските нарушувања во земјината кора над неа, од силните татнежи на земјотресите, ќе ја изнесе на показ пред грешното човештво сета своја сила и жестокост, својот јаростен гнев низ гигантски изливи на усвитена лава која ќе проголта илјадници градови и села, и цели региони ќе претвори во пепелишта и во грди, мртви, одбивни и одвратни сури и црни предели. – Одбивно, неприфатливо, болно сурово, но неодминливо и вистинито, зашто така кажува Бог во својата Реч, во Библијата. Да, така кажува Библијата, а не некојси злокобен футурист.

По потопот, огнот, исто како и водата при потопот, бил Господово орудие при уништувањето на безбожните градови Содом и Гомор. Ваквите казни се применувани со цел оние што го омаловажуваат Божјиот закон, а неговиот авторитет го фрлаат под нозе, да затреперат пред неговата сила и да ја признаат праведноста на неговото суверено владеење. Кога луѓето гледале како од планинските врвови бликаат огнени водопади (огнопади), а усвитената лава пресушува реки и затрупува населени градови, ширејќи насекаде пустош и пропаст, тоа ги исполнувало со страв срцата на најхрабрите, а неверниците и подбивачите морале да признаат дека Божјата сила е бесконечна.

Кога огнот од молњите на небото ќе се соедини со огнот што ќе избива од земјата, планините ќе горат како усвитени печки, исфрлајќи, како што рековме, ужасни млазеви лава и огромни масиви од карпи со неопишана сила во воздухот, чиишто парчосани делови ќе бидат расфрлени насекаде по земјата. Од усвитените растопени маси, урнати и врз токовите на големите реки и другите водни маси, водата ќе зоврие како во котел, при што огромни количества вода, во вид на водена пареа заминува во воздухот, каде што се кондензира и создава тешки црни облаци, кои со страшни, несекојдневни татнежи на грмотевици и секавици, својот гигантски воден товар го истовараат врз земјата во вид на поројни дождови со огромни димензии кои ќе создадат поплави невидени уште од потопот.

Да, ужасен коктел од силни води, од силни земјотреси и од силни вулкански ерупции.

Во Апокалипсата или Откровението читаме дека сета земја ќе се запали и ќе се претвори во „огнено езеро“ во кое ќе изгорат ѓаволот, гревот и грешниците (Откров. 19,20; 20,10).

Замислете, огнено езеро, огнено море, огнени бранови! Земјата се отвора. Оружјето скриено во нејзината длабина се исфрла надвор. Од секоја отворена бездна блика пламен кој уништува. Земјината кора е испокината од силните изливи на скриените елементи, од Божјето оружје во утробата на земјата. Карпите се запалуваат. Настапил „денот кој гори како печка“, „Господовиот ден во кој… состојките ќе бидат уништени и земјата ќе изгори со сите нејзини дела“. Значи, земјата и сè што е на неа гори и ќе изгори (Малахија 4,1; 2. Петрово 3,10). Површината на земјата изгледа како растопена маса – огромно огнено море што врие. – Страшно, морничаво, но болно вистинито. Таква иднина, почитувани, предвидува Божјата реч за нашата стара, изветвена, грешна планета Земја. Големиот Божји пророк Исаија ги гледал во видение овие сцени и настани, врзани за „последните денови“, и ни порачува: „Стравотија, јама и стапица се пред тебе, жителу на земјата!“ (Иса. 24,17).

Везув, Етна, Стромболи, Попокатепетл, Килиманџаро, Кракатау, и другите досегашни вулкани, познати под други имиња, споредени со идните вулкани што ја очекуваат нашата планета, се само пиркање на вечерно ветре кое ги разладува нашите испотени чела за време на некоја запурничава вечер.

Зошто? Се прашуваме, и бараме одговор, и во потрага сме по одговор.

Pin It on Pinterest