(текстот кој следува е дел од поглавјето „Знаците на последното време“ од книгата „Времето и знаците“)
Земјотреси – нешто што влева страв во срцата на луѓето, нешто од што трпки ни поминуваат по снагата – феномен и појава пред која стоиме стаписани, вџашени, наполно немоќни, гледајќи како нашите куќи и нашиот имот – сиот наш животен труд – се претвора во купишта урнатини и пепелиште.
Уште првите подмолни, придушени кобни татнежи, пред да настапат потресите со својата разурнувачка моќ, кај нас предизвикуваат морници и ужасна паника, при што губиме ориентација и обезумени прекутрупа бараме спас. Последици: човечки жртви, материјална загуба, нагла сиромаштија, неизвесна иднина, а пред сè, грозни глетки кои нè обременуваат со тешка доживотна жалост поради разделбата со нашите најблиски и најмили суштества, затрупани некаде под тешките урнатини или приклештени меѓу столбови или бетонски греди и плочи.
Можеби земјотресите станале наше секојдневје со кое веќе сме се соживеале и сме го прифатиле како нешто вообичаено и нормално. Сме отрпнале и сме станале рамнодушни кон сè што се случува околу нас. Тие кај нас не побудуваат веќе посебни чувства и реакции, освен ако се случат во наша непосредна близина. Но деновите што ни идат во пресрет грубо ќе нè тргнат од таа летаргија во која сме западнале, зашто сегашните земјотреси, колку и да се силни и страшни, се само лесен удар со чекан по малечкиот прст во споредба со оние што допрва нè очекуваат.
Не е најважно прашањето како настануваат земјотресите. За нив науката нема вистинско објаснение, не може да ги предвиди ниту да ни укаже ефикасна заштита. Очигледно е дека се случуваат големи тектонски промени и сеизмички поместувања во земјината кора, гигантски напрегања и џиновски раседи на слоевите во пазувите на земјата, бездни големи и долги и до стотина километри во кои се струполуваат огромни одрони, како планини, при чијшто удар се ослободува енергија со колосални размери која може да парчоса цели континенти или да ги придвижи еден кон друг.
Христос кажува дека „ќе има силни земјотреси“ (Лука 21,11), земјотреси со силен, разурнувачки интензитет. Да се навратиме пак на библиските пророштва кои ја опишуваат последната фаза низ која минува нашата земја за време на своите „последни денови“:
„Ќе се растресат темелите на земјата. Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, земјата ќе се залула како пијан човек, ќе се затетерави како колиба“ (Исаија 24,18-20).
„Ја гледам земјата: пуста е… Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се нишаат. Гледам: ете, … сите градови ги разурна Господ со жестокоста на својата јарост“ ( Ер. 4,23-26).
„И настапија молскавици, татнежи, громови, и настана силен земјотрес, каков што никогаш немало откако постојат луѓе на земјата, толку голем и толку силен земјотрес… И сите острови исчезнаа, и горите веќе не се најдоа“ (Откровение 16,18.20).
Некогаш на нашата земја постоеле земјотресни подрачја, одделни региони каде што имало земјотреси. Тоа обично биле крајбрежните приморски региони. Но Божјите пророци не гледаат локални и регионални земјотреси. Нивното око гледа како целата планета Земја се тресе силно, како целата се тетерави како пијан човек, се разбива грозно, се распукува страшно; апостол Јован гледа силен земјотрес, најсилен, каков што никогаш немало откако постојат луѓе на земјата, толку голем и толку силен земјотрес, така што и островите исчезнуваат и горите ги снемува. – Страшно, грозоморно, но неодминливо, болно вистинито!
Планетата се обезличува, ја менува својата конфигурација. Почвата се издигнува, се набира како морски бранови. „Господ Бог над војските, Тој ја допира земјата, и таа се тресе, и сите жители на неа ќе затажат; се издига сета како Нил“ (Амос 9,5).
Нејзината површина пука. Се чини како нејзините темели да попуштаат. Горите се повиваат како трска на ветер, а на сите страни се одронуваат и се тркалаат џиновски карпи. Тонат планински синџири и настануваат огромни кратери и безмерни амбиси и бездни. Исчезнуваат населени острови во разбеснетите бранови, ги снемува морските пристаништа. – Нешто досега невидено, недоживеано.
Рихтеровата и Меркалиевата скала се премногу малечки за да го мерат интензитетот на тие земјотреси кои со својата жестокост илјадници градови претвораат во купишта урнатини и гробишта на милиони загинати луѓе.
„Сите градови ги разурна Господ со жестокоста на својата јарост“ – читавме пред малку. Величествените градби и раскошните палати, гордоста и славата на световните моќници и големци, кои го растурале своето богатство за да се прослават со нив, се распаѓаат и исчезнуваат пред нивните очи. Земјата ја отвора својата утроба и на мошне свиреп начин ги прибира во своите пазува и богатите, заедно со нивното богатство, и сиромасите со нивната сиромаштија.