Book with chains

(продолжува од претходниот ден) Големиот отпадник успеал „да се воздигне над сè што се нарекува Бог или светиња, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог“ (2. Солуњаните 2,4). Се осмелил да ја промени токму онаа заповед во Божјиот закон која јасно му зборува на целото човештво за вистинскиот и жив Бог. Во четвртата заповед Бог се открива како Творец на небото и земјата, со што се разликува од сите лажни богови. Како спомен на создавањето, седмиот ден е посветен како ден за одмор на целото човештво. Бил одреден постојано да ги потсетува луѓето на Бога како извор на животот, на кого единствено сме должни да му се молиме и да го обожаваме. Сатаната се бори луѓето да ги стори неверни кон Бога и непослушни кон неговиот закон; затоа своите напори ги насочил особено против онаа заповед која го истакнува Бога како Творец.

Протестантите денеска тврдат дека Христовото воскресение во недела тој ден го сторило христијанска сабота. Но за тоа тврдење нема доказ во Светото писмо. Ниту Исус ниту неговите апостоли на тој ден не му давале таква чест. Празнувањето на неделата како христијанска уредба има свое потекло во онаа „тајна на беззаконието“ која го почнала своето дело уште во Павловите денови (2. Солуњаните 2,7). Каде и кога Господ го посинил ова дете на папството? Каков сигурен доказ може да се најде за една промена што Светото писмо не ја одобрува?

Во шестиот век папството веќе силно се зацврстило. Престолот на неговата моќ бил поставен во царскиот град и римскиот епископ е прогласен за глава на целата црква. Незнабоштвото му го отстапило местото на папството. Ламјата му дала на ѕверот „своја сила, свој престол и голема власт“ (Откровение 13,2). Сега почнале оние илјада двесте и шеесет години на папското насилство преткажано во пророштвото на Даниел и во Откровението (Даниел 7,25; Откровение 13,5­7). Христијаните биле принудени да бираат дали ќе ги напуштат своите начела и ќе ги прифатат папските церемонии и папското богослужение, или својот живот ќе го завршат во затвори, на справи за растегање, на ломачи, или да им биде пресечена главата на гилотина. Сега се исполниле Христовите зборови: „Ќе ве предаваат и родителите, и браќата, и роднините и пријателите, и некои од вас ќе бидат убиени, и сите ќе ве мразат заради моето име“ (Лука 21,16.17). Почнало свирепо прогонство против верните, пострашно од кога и да е порано, и светот станал огромно бојно поле. Во текот на стотици години Христовата црква наоѓала прибежиште во самотија и темнина. Тоа пророкот го опишува вака: „А жената побегна в пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет денови“ (Откровение 12,6).

Стапувањето на Римската црква на власт го означува почетокот на мрачниот среден век. Колку повеќе растела нејзината моќ, темнината станувала сè погуста. Верата од Христа, која е вистински темел, е пренесена на римскиот папа. За проштавање на гревот и за вечно спасение, наместо да му се обраќаат на Божјиот Син, луѓето гледале во папата и во неговите ополномоштени свештеници и епископи.

Свештенството го учело народот дека папата е земен застапник и дека само преку него можат да му се приближат на Бога; дека тој е Божји намесник и затоа се должни безусловно да му се покоруваат. Отстапувањето од неговите наредби е доволна причина виновникот да биде казнет со најстрашна душевна и телесна казна. Така човечките мисли се одвратени од Бога и упатени кон луѓе подложни на грев, на заблуди и на гнев, односно директно кон кнезот на темнината кој преку нив ја спроведува својата власт. Гревот бил наметнат со плашт на светлина. Кога Светото писмо се гази и кога човекот ќе почне себеси да се смета за врховно суштество, тогаш можеме како последица на тоа да очекуваме само измама, лага и срамно беззаконие. Со издигнувањето на човечките закони и преданија се појавила расипаност, што секогаш е последица на отфрлањето на Божјиот закон.

Ова биле денови на опасност за Христовата црква. Верните Христови следбеници биле навистина малку. Иако вистината не останала без сведоци, сепак, понекогаш изгледало дека заблудата и суеверието потполно ќе завладеат и дека вистинската религија ќе исчезне од земјата. Евангелието е занемарено, умножени се верските обреди, а луѓето оптоварени со строго извршување на надворешни прописи на побожноста.

Свештениците ги учеле луѓето папата да го сметаат како свој посредник, а своите дела како средство за исчистување од гревот. Долги поклоненија, дела на каење, обожавање на реликвии, ѕидање на цркви, храмови и олтари, давање на големи суми пари на црквата ­ такви и слични дела се барале како средства што можат да го уталожат Божјиот гнев и да обезбедат негова наклоност; Бог како да е сличен на човекот кој се гневи поради ситници, а може да се умилостиви со дарови и со дела на покајание. (продолжува)

Pin It on Pinterest