(продолжува од предходниот ден) „Воздивнувајќи длабоко во духот, Тој рече: „’Зошто ова поколение бара знак?’“ „Но нема да му се даде друг знак, освен знакот на пророкот Јона.“ Како Јона што бил три дни и три ноќи во стомакот на китот, Христос ќе помине исто толку време „во утробата на земјата.“ Како проповедањето на Јона што било знак за Ниневјаните, така и Христовото проповедање било знак за неговото поколение. Меѓутоа, каква спротивност во прифаќањето на зборовите! Народот на големиот незнабожечки град затреперил кога го слушнал Божјето предупредување. Царевите и благородниците се понизиле; возвишените и ниските заедно плачеле пред небесниот Бог и им била подарена негова милост. „Ниневјаните ќе се дигнат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона, а еве тука е еден поголем од Јона“ (Матеј 12,40.41).
Секое чудо што го сторил Христос било знак за неговото божество. Тој ја извршувал токму онаа работа што е преткажана како работа на Месија. Но за фарисеите овие дела на милосрдие биле изрична соблазна. Израелските водачи човечките страдања ги гледале со бездушна рамнодушност. Во многу случаи нивната себичност и угнетување предизвикале страдања што Христос ги отстранил. Така неговите чуда биле прекор за нив. Она што ги навело Евреите да ја отфрлат службата на Спасителот било највозвишен доказ за неговиот божествен карактер. Најголемото значење на неговите чуда се гледа во фактот што тие биле на благослов на човечкиот род. Неговиот живот го откривал Божјиот карактер и тоа е најголем доказ дека Тој дошол од Бога. Правел Божји дела и зборувал Божји зборови. Таквиот живот е најголемо од сите чуда.
И во наше време, кога се изнесува веста на вистината, мнозина, како и Евреите, викаат: „Покажи ни знак. Направи некое чудо.“ Христос не сторил ниту едно чудо по барање на фарисеите. Тој не сторил ниедно чудо во пустината како одговор на поттурањето на сатаната. Тој не ни дава сила да се одбраниме или да ги задоволиме барањата на неверството и горделивоста. Меѓутоа, евангелието не е без знак за своето божествено потекло. Зар не е чудо што можеме да се оттргнеме од ропството на сатаната? Непријателството кон сатаната не е природно за човечкото срце; тоа е всадено со Божја милост. Кога ќе се ослободи оној што ѝ бил потчинет на упорната, колеблива волја и кога со цело срце ќе ја прифати Божјата привлечна сила, остварено е чудо; истото тоа се случува и кога човекот, кој бил во голема заблуда, ќе ја сфати моралната вистина. Секојпат кога некоја душа ќе се обрати и кога ќе научи да го љуби Бога и да ги држи неговите заповеди, се исполнува Божјето ветување: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе вдахнам во вас“ (Езекил 36,26). Промената на човечкото срце, преобразувањето на човечкиот карактер, е чудо што го открива Спасителот кој секогаш живее и работи врз спасувањето на душите. Доследниот живот во Христа е големо чудо. При проповедањето на Божјата реч, знакот што ќе се покаже сега и секогаш е присуството на Светиот Дух да ја претвори речта во преобразувачка сила за оние што ја слушаат. Тоа е Божји сведок пред светот за божествената мисија на неговиот Син.
Оние што барале знак од Исуса толку многу го стврднале срцето со неверство, што во неговиот карактер не го препознале Божјиот лик. Не сакале да видат дека неговата мисија била исполнување на Писмото. Во параболата за богаташот и за Лазара, Исус им ракол на фарисеите: „Ако не ги слушаат Мојсеја и пророците, нема да веруваат ниту ако некој воскресне од мртвите“ (Лука 16,31). Никаков знак што би можел да им се даде на небото или на земјата не би им бил од полза.
„Воздивнувајќ и длабоко во духот“ и напуштајќ и ја групата на ситничарите, Исус повторно влегол во лаѓата со своите ученици. Во мрачна тишина пак преминале преку езерото. Не се вратиле на местото што го напуштиле, туку се упатиле кон Витсаида, во чијашто близина биле нахранети пет илјади луѓе. Кога стигнале на другата страна, Исус рекол: „Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квасец.“ Евреите имале обичај уште од времето на Мојсеја, за време на празникот Пасха, да го отстранат квасецот од своите домови и така биле научени него да го сметаат како знак на гревот. Сепак, учениците не го разбрале Исуса. При своето ненадејно заминување од Магдала, заборавиле да понесат леб, па со себе имале само едно парче. Сфатиле дека Христос се повикува на оваа околност, предупредувајќи ги да не купуваат леб од фарисеите или садукеите. Нивниот недостиг на вера и на духовна проникливост често ги водела кон слични погрешни сфаќања на неговите зборови. Сега Исус ги прекорил што мислеле дека Тој, кој нахранил илјадници со малку риби и јачменови лебови, во оваа свечена опомена се повикал само на земната храна. Се заканувала опасност лукавото расудување на фарисеите и садукеите неговите ученици да ги проникне со неверство како со квасец, наведувајќ и ги лекомислено да размислуваат за Христовите дела. (продолжува)