(продолжува од претходниот ден) Но, кога луѓето ќе се извишат, сметајќи дека се незаменливи за успех на големиот Божји план, Господ ќе ги остави на страна. Така јасно ќе се покаже дека Господ не зависи од нив. Работата нема да застане затоа што се отстранети од неа, туку ќе оди напред со поголема сила.

На Исусовите ученици не им било доволно само да бидат поучени за природата на неговото царство. Им била потребна промена на срцето што би ги довела во хармонија со неговите начела. Повикувајќи кај себе дете, Исус го довел меѓу нив, го зел нежно во прегратки и рекол: „Ако не се преобратите и ако не станете како деца, нема да влезете во небесното царство.“ Едноставноста, заборавањето на себе и детската љубов исполнета со доверба се особини што ги цени Небото. Тоа се особините на вистинската големина.

Исус повторно им објаснил на учениците дека неговото царство не се одликува со земно достоинство и со расфрлање. Крај Исусовите нозе се забораваат сите овие посебни обележја. Богатите и сиромасите, учените и необразованите се сретнуваат не помислувајќи на општествениот слој или на световното првенство. Сите се сретнуваат како души откупени со Христовата крв, еднакво зависни од Оној што ги откупил за Бога.

Искрената, скршена душа, е драгоцена во Божјите очи. Тој става свој печат на луѓето не според општествениот слој, не според нивното богатство, не според нивната умна големина, туку според нивното единство со Христа. Славниот Господ е задоволен со оние што имаат кротко и понизно срце. „Со твојата десница“, рекол Давид, „ме поддржуваш, твојата милост“, како битна составка на човечкиот карактер, „ме извишува“ (Псалм 18,35).

„Кој прима едно вакво дете во мое име“, рекол Исус, „мене ме прима, а кој ме прима мене, не ме прима мене, туку Оној кој ме прати.“ „Вака вели Господ: ‘Небесата се мој престол, а земјата подножје на моите нозе… Но кого ќе го погледнам? Сиромавиот и оној што е скромен, кој се тресе од моите зборови’“ (Исаија 66,1.2).

Зборовите на Спасителот разбудиле кај учениците чувство на недоверливост кон себе. Во одговорот на никого не е посебно укажано, но Јован бил поттикнат да праша дали во еден случај неговата постапка била исправна. Со детски дух тој предмет му го изложил на Исуса. „Учителе“, рекол, „видовме еден кој во твое име изгонуваше демони , а не нè следи, па му забранивме, зашто не оди по нас.“

Спречувајќи го овој човек, Јаков и Јован сметале дека ја бранат честа на својот Господ, но почнале да увидуваат дека биле љубоморни заради самите себе. Ја признале грешката и го прифатиле Христовиот укор: „Не бранете му! Зашто нема никој кој би правел чудо во мое име, а да може веднаш потоа лошо да зборува за мене.“ Не смеел да се отфрли никој што на кој било начин покажал пријателство кон Христа. Имало многу такви кои, длабоко поттикнати со Христовиот карактер и со неговите дела, му ги отворале со вера своите срца нему, па учениците, кои не можеле да ги читаат побудите, морале да бидат внимателни да не ги обесхрабрат овие души. Кога Исус не ќе биде повеќе меѓу нив во тело, и кога делото ќе биде препуштено во нивни раце, не смеат да покажат себичен и исклучив дух, туку да го откријат истото далекусежно сочувство што го виделе кај својот Учител. (продолжува)

Pin It on Pinterest