(продолжува од претходниот ден) Мнозина меѓу Христовите слушатели што биле жители на Ерусалим и на кои не им биле непознати заговорите на поглаварите против него, се чувствувале привлечени кон него со непреодолива сила. Ги придружувало силно осведочување дека Тој е Божји Син. Меѓутоа, сатаната бил готов да ги наведе на сомневање со веќе приготвениот пат што ги опфаќал нивните погрешни поими за Месија и за неговото доаѓање. Било широко распространето верувањето дека Христос ќе се роди во Витлеем, но по извесно време ќе исчезне, а при второто појавување никој не ќе знае од каде дошол. Не бил мал бројот на оние што сметале дека Месија нема да има никакви природни врски со човечкиот род. Па бидејќи народното сфаќање за славата на Месија не се совпаѓало со Исуса од Назарет, мнозина биле готови да ја прифатат мислата: „Овој го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.“

Додека се колебале меѓу сомневањето и верата, Исус ги разбрал нивните мисли и им одговорил: „И мене ме познавате, а знаете и од каде сум. Не дојдов сам од себе, туку вистинит е Оној кој ме прати, кого вие не го познавате.“ Тие тврделе дека го знаат Христовото потекло, но воопшто не го познавале. Кога би живееле во согласност со Божјата волја, би го препознале неговиот Син кога им се открил.

Слушателите не можеле погрешно да ги разберат Христовите зборови. Тие јасно го повторувале она тврдење што го кажал пред Синедрионот со месеци порано, кога себеси се прогласил за Божји Син. Тогаш поглаварите се обиделе да го убијат, а сега барале да го фатат, но биле спречени од онаа невидлива Сила која поставила меѓи на нивниот бес, велејќи им довде ќе допираш, не понатаму (Книгата за Јов 38,11).

Меѓу народот мнозина му поверувале, велејќи: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи повеќе чуда од оние што ги направи Овој?“ Водачите на фарисеите, кои со страв го следеле токот на настаните, ги забележале изразите на наклоност кај мноштвото. Побрзале кај првосвештениците и им ги изложиле своите планови да го уапсат. Се приготвувале да го фатат кога ќе биде сам, зашто не се осмелувале да го сторат тоа во присуство на народот. Исус пак покажал дека ги чита нивните намери: „Уште малку време сум со вас“, рекол, „потоа заминувам кај Оној кој ме прати. Ќе ме барате и нема да ме најдете, и каде што сум јас, вие не можете да дојдете.“ Наскоро ќе најде засолниште надвор од досегот на нивното подбивање и омраза ќе се вознесе кај Отецот, за пак да биде обожаван од ангелите и таму неговите убијци никогаш не ќе можат да дојдат.

Подбивајќи се, рабините рекле: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да го најдеме? Да не сака да оди кај расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците?“ Овие ситничари и не сонувале дека со нивните подбивни зборови е опишана Христовата мисија! Цел ден ги подавал рацете кон народот кој не дозволувал да му се каже и кој одговарал противно. Сепак, ќе го најдат оние што не го барале и ќе им се покаже на оние што не прашуваат за него (Римјаните 10,20.21).

Мнозина што биле осведочени дека Исус е Божји Син биле заведени од погрешното расудување на свештениците и рабините. Овие учители мошне влијателно ги повторувале пророштвата што се однесуваат на Месија дека Тој „ќе царува на гората Сион и во Ерусалим, и ќе се прослави пред своите старешини“, и дека ќе владее „од море до море, од големата река до крајот на земјата“ (Исаија 24,23; Псалм 72,8). Потоа правеле непристојни споредувања меѓу славата што е опишана овде и скромниот Исусов изглед. Зборовите на пророштвото биле искривоколчени за да ја поткрепат заблудата. Кога народот искрено сам би ја проучувал Речта, не би бил заведен. Шеесет и првата глава на Книгата на пророк Исаија сведочи дека Христос треба да ја извршува токму таа работа што ја работел. Педесет и третата глава го изнесува неговото отфрлање и страдањата во светот, а педесет и деветтата глава го опишува карактерот на свештениците и рабините.

Бог не ги присилува луѓето да се откажат од своето неверство. Пред нив се наоѓа светлина и темнина, вистина и заблуда. До нив стои да решат што ќе прифатат. Човековиот ум е надарен со сила да прави разлика меѓу доброто и злото. Бог одредил луѓето да не се одлучуваат според моментното чувство, туку врз основа на вредноста на доказите, врз основа на грижливото меѓусебно споредување на деловите на Писмото. Кога Евреите би ги отфрлиле своите предрасуди и кога би го споредувале пишаното пророштво со фактите што го обележувале Исусовиот живот, би забележале прекрасна хармонија меѓу пророштвата и нивното исполнување во животот и во службата на понизниот Галилеец.

И денеска мнозина се измамени на ист начин на кој биле измамени и Евреите. Верските учители ја читаат Библијата во светлината на своите лични сфаќања и преданија, народот не ги истражува Писмата за себе и не просудува сам за себе што е вистина, туку ги прифаќа нивните судови и своите души им ги доверува на своите водачи. (продолжува)

Pin It on Pinterest