(продолжува од претходниот ден) Гледајќи постојано со вера во Исуса, ќе станеме посилни. На својот гладен и жеден народ Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија. Тој ќе пронајде дека Христос е личен Спасител. Додека се храни со неговата реч, тој ќе открие дека таа е дух и живот. Речта го уништува она што е наследено, земната природа, и дарува нов живот во Исуса Христа. Светиот Дух ѝ доаѓа на душата како Утешител. Со преродбенската сила на неговата милост, Божјиот лик повторно се создава во ученикот и тој станува ново создание. Љубовта го презема местото на омразата и срцето станува слично со Бога. Тоа всушност значи да се живее „од секој збор што излегува од Божјата уста.“ Тоа значи да се јаде Лебот што слегува од небото.

Христос изговорил една света, вечна вистина за односот меѓу себе и своите следбеници. Тој го познавал карактерот на оние што тврделе дека се негови ученици и неговите зборови ја провериле нивната вера. Изјавил дека мора да веруваат и да дејствуваат сообразно со неговото учење. Сите што го примиле Христа во срцето, ќе бидат учесници во неговата природа и во хармонија со неговиот карактер. Ова го опфаќало откажувањето од нивните омилени амбиции. Тоа барало нивно целосно потчинување на Исуса. Повикани се да станат самопожртвувани, кротки и понизни во срцето. Тие мора да одат по тесната патека по која одел и Човекот од Голгота, ако сакаат да имаат дел во дарот на животот и во небесната слава.

Проверката била премногу голема. Одушевувањето на оние што сакале со сила да го сторат цар се изладило. Ова излагање во синагогата, изјавиле, им ги отворило очите. Сега се изведени од заблудата. Во нивните умови неговите зборови биле непосредно признавање дека Тој не е Месија и дека нема да уследи никаква земна награда од поврзаноста со него. Неговата сила да прави чуда за нив била добредојдена; сакале да се ослободат од болестите и од страдањата, но не го сакале неговиот самопожртвуван живот. Не им било грижа за таинственото, духовно царство за кое зборувал. Оние неискрени и себични што го барале, не го сакале повеќе. Ако не ја вложи својата сила и влијание за да се ослободат од Римјаните, тие не сакаат да имаат ништо со него.

Исус отворено им рекол: „Но има некои од вас, кои не веруваат“, и додал, „затоа ви реков дека никој не може да дојде кај мене, освен ако не му е дадено од Отецот.“ Сакал да разберат дека, ако не бидат привлечени кон него, тоа ќе биде од причина што нивните срца не биле отворени за Светиот Дух. „Земниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да го разбере, бидејќи тоа треба да се расудува на духовен начин“ (1. Коринќаните 2,14).

Со вера душата може да ја набљудува Исусовата слава. Оваа слава е скриена сè додека не се разгори со Светиот Дух вера во душата.

Добивајќи јавен укор за своето неверство, овие ученици уште повеќе се оддалечиле од Исуса. Биле мошне незадоволни и, сакајќи да му зададат болка на Спасителот и да го поддржат реваншизмот на фарисеите, му го свртиле грбот и го напуштиле со презир. Тие избрале ја зеле формата без дух, лушпата без јатка. Нивната одлука потоа никогаш не е изменета, зашто не оделе повеќе со Исуса.

„Тој држи во раката лопата, и ќе го исчисти своето гумно; ќе го собере своето жито во амбар“ (Матеј 3,12). Тоа било едно од таквите времиња на чистење. Со зборовите на вистината била одвоена плевата од житото. Затоа што биле премногу суетни и уверени во својата праведност за да примат укор, затоа што премногу го сакале светот за да прифатат живот на понизност, мнозина му го свртиле грбот на Исуса. Мнозина сè уште го прават тоа. Душите денеска се тестираат како што се тестирале учениците во синагогата во Капернаум. Кога вистината уверливо ќе му се разјасни на срцето, увидуваат дека нивните желби не се сообразени со Божјата волја. Тие ја гледаат потребата од целосна промена кај себе, но не би сакале да ја прифатат службата полна со самооткажување. Затоа се лутат кога ќе се откријат нивните гревови. Си заминуваат навредени, како и учениците што го напуштиле Исуса мрморејќи: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?“

Пофалбите и ласкањето би биле пријатни за нивните уши, но вистината не е добредојдена; тие не можат да ја слушаат. Кога го следела толпата, кога е нахрането мноштвото и кога ги чуле победоносните извици, нивните гласови се слевале во величење, но кога Божјиот Дух го открил нивниот грев или им заповедал да го остават, ѝ го свртиле грбот на вистината и не оделе повеќе со Исуса.

Кога овие неверни ученици го напуштиле Исуса, со нив завладеал друг дух. Не можеле да видат никаква привлечност кај Оној кој порано им изгледал толку интересен. Ги побарале неговите непријатели, зашто биле сообразени со нивниот дух и работа. Погрешно ги толкувале неговите зборови, ги искривоколчувале неговите изјави и неточно ги прикажувале неговите побуди. Го бранеле своето однесување, собирајќи и најмалечка подробност што би можела да се сврти против него; со овие лажни гласови предизвикан е таков гнев, што животот му бил во опасност. (продолжува)

Pin It on Pinterest